ЕУ СВЕТ

Таинствен професор со пријатен карактер: Кој е каталонскиот лидер кого шпанските власти го осудија на 13 години затвор

Таинствениот професор со пријатен карактер и една од клучните фигури на каталонското сепаратистичко движење, Ориол Џункуерас, го понесе најголемиот товар во пропаднатиот обид за осамостојување на Каталонија, настан што ја предизвика најголемата политичка криза во Шпанија по смртта на Франциско Франко.
Џункуерас, професор кој стана политичар, во понеделеникот беше осуден на 13 години затвор за својата улога во забранетиот референдум од 1 октомври 2017 година, и подоцнежното прогласување на независноста. Долгогодишниот заговорник на каталонската независност и во тоа време потпретседател на каталонската Влада, Џункуерас беше највисокиот од 12-те поранешни каталонски функционери што беа изведени пред судот, бидејќи лидерот на движењето Карлес Пуџдемон избега во странство. Педесетгодишниот татко на две деца одлучи да остане и оттогаш веќе мина две години во притвор. Тој за себе тврди дека е политички затвореник, што Шпанија енергично го демантира.
– Прогонет сум заради своите идеи, а не заради делата, рече во судот во февруари.
Иако е зад решетки, успеа да го задржи својот статус во Каталонија и е избран во шпанскиот и во Европскиот парламент.
Од мали нозе
Роден во Барселона на 11 јуни 1969 година, тој живеел со татко учител и мајка медицинска сестра и се образовал во италијанско верско училиште. Иако е дискретен кога станува збор за неговото детство, за каталонскиот весник „Ла Вангвардија“ изјави дека независноста на Каталонија почнал да ја поддржува откако наполнил осум години.
Полиглот, кој освен мајчиниот каталонски јазик, зборува и шпански, англиски и италијански, како доктор на историски науки истражувал на Автономниот универизитет во Барселона и на јавноста ѝ станал познат како водител на историски емисии на каталонското радио и телевизија.
Во 2007 година од предавалната се преселува во политиката, прво како локален советник, потоа како европратеник, и од 2011 година како градоначалник на Санта Виченца дел Хотца. Истата година го презема лидерското место во Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), тогаш просечна партија што во тоа време едвај опстојувала на политичката сцена, а само за неколку години ја претвора во водечка сила на заговорниците на независноста.
Партијата продолжи да ја води и од затвор, обидувајќи се да ги придобие оние Каталонци, а таквите се малку повеќе од мнозинството, кои се противат на одвојувањето од Шпанија.
– Ни кажа: Соочен сум со многу тешка казна, но не смееме да се откажеме од нашата политика, не смееме да се откажеме од дијалогот, го прераскажува пратеникот на ЕРЦ, Габриел Руфијан.
„Можеби ќе прозвучи претерано, но ние го имаме Мандела“, додаде тој.
Изглед на фратар 
Џункуерас во 2016 година стана потпретседател на каталонската Влада и беше задолжен за организирањето на забранетиот референдум. Еден од поранешните членови на неговиот кабинет, кој сакаше да остане анонимен, го опиша како „многу разборит и строг“.
Посветен католик со малку поистакнат стомак и уредена брада, Џункуерас има нешто „фрањевско во својот изглед“, рече каталонскиот писател Серхи Памиес.
Енрик Миљо, претставникот на Мадрид во Каталонија, во текот на кризата во 2017 година оваа аналогија ја однесе и чекор понатаму, изјавувајќи дека Џункуерас „зборува многу добро, речиси како свештеник“.
Но, тој има и своја втора страна, додава Миљо, „одеднаш, кога треба да се дејствува, го извлекува сечилото“.
Новинарот Хоаким Кол вели дека Џункуерас и покрај својата „свештеничка реторика“ е вистински „фундаменталист“ кога е во прашање независноста на Каталонија и не е личност „на која можете да ѝ верувате“.
Иако несомнено е човек кој бара лојалност, Џункуерас има репутација на лице кое избегнува тешки прашања, а на многумина, дури и на оние што му биле во близина, им останал загатка.
– Сè уште се прашувам кој е всушност Џункуерас, призна во својата неодамна објавена книга Санти Вила, еден од тројцата поранешни каталонски функционери, кој на судењето во Мадрид не беше казнет со затворска казна.

Поврзани вести

Во цел свет би требало да се воведат тивки зони со цел запирање на ширењето на коронавирусот

Александар Петровски

Повеќето Германци не сакаат нови бегалци

Stefanija Kuzmanovska

Туск во име на ЕПП: Одлуката за суспензијата на партијата на Орбан ќе ја донесам до крајот на годината

Влатко Зорба

ЕУ: Предлогот на Лондон не гарантира договор за „Брегзит“

Влатко Зорба

Бојко Борисов смени четири министри во владата

Трамп: Се борам против „длабоката држава“, тоа се многу злобни луѓе кои со години нè малтретираат

Stefanija Kuzmanovska