Вести

Минск: Десетици илјади на протест, воени возила на улиците

Илјадници приврзаници на опозицијата се собраа денеска во центарот на Минск на нов протестен марш, од кој бараат заминување од власта на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. Протестот беше организиран еден ден откако илјадници жени учествуваа на маршот со барање за оставка на Лукашенко.

Облечени во бело-црвено, како и на претходните протести, демонстрантите се упатија кон претседателската палата, резиденцијата на Лукашенко, попладнето.

Тие вееја големи црвено-бели знамиња и викаа „Метла“ и „Крај на играта“, додека некои удираа во тапаните, пренесе агенцијата Франс прес.

Некои пароли беа упатени до рускиот претседател Владимир Путин, кој го поддржува Лукашенко.

„Путин, извади ја вилушката од белорускиот компир“, извикуваа тие.

За тоа време, припадниците на безбедносните сили формираа ланец околу резиденцијата на Лукашенко во центарот на градот и го зголемија своето присуство во пресрет на почетокот на протестот на опозицијата.

Оклопни воени возила излегоа на улиците во Минск, а во центарот беа поставени бодликави жици пред протестниот марш.

Опозиционите активисти објавија фотографии и видеа од конвој воени возила кои се движеа кон центарот на градот пред демонстрациите.

Оклопни возила и противпожарни возила со водени топови се наоѓаат и пред зградата Минск-Експо.

Сообраќајот во тој дел од градот засега се одвива нормално, а како претпазливост се затворени шест метро-станици во центарот. Сепак, тоа не спречи илјадници луѓе да се упатат кон центарот на градот и да им се придружат на демонстрантите.

Демонстрантите најавија марш до Врховниот суд на Белорусија, каде ќе носат постери со, како што рекоа, „имиња на кандидати за народниот суд“, вклучително и припадници на безбедносните сили кои учествуваа во насилното сузбивање на демонстрациите.

Претходно денес, пред почетокот на прошетката кон претседателската палата, полицијата се обиде да го скрши протестот и уапси неколку демонстранти за учество во неовластен протест, објави белоруското Министерство за внатрешни работи.

Поврзани вести

„Торонто сан“: Инсектите повторно на мени на пазарите во Кина (видео)

Израелските научници тврдат: Лекот за коронавирус ќе биде готов за 90 дена!

Трамп и Путин разговарале за Ковид-19 и за состојбите на нафтените пазари во светот

Трамп: Претседателка може да биде „лудата Ненси Нанси“

Влатко Зорба

Германија: Најважно Иран призна за падот на авионот, истрагата да продолжи

Никола Поповски

Во завршна фаза е враќањето на украинските бродови запленети од Русија