Вести

Ситуацијата со коронавирусот во Европа продолжува да се влошува

Индикаторите за пандемијата Ковид-19 продолжуваат да се влошуваат во Европа, особено во Франција, каде Париз може да прогласи за највисоко ниво на опасност и Шпанија, каде властите одлучија да воведат карантин во Мадрид.

Може да се воведат нови ограничувања во и околу француската престолнина ако се потврди ширењето на епидемијата, рече во четвртокот францускиот министер за здравство – Оливие Веран.

Ова значи дека „жителите на Париз и на малиот прстен привремено драстично ќе ја намалат социјалната интеракција, во секој случај повеќе отколку што правеа порано: нема повеќе семејни собири, нема забави, баровите се затвораат целосно“, рече тој.

Министерот предупреди и дека ситуацијата се „влошува“ во „пет метрополи, Лил, Лион, Гренобл, Тулуз и Сент Етјен“, каде „текот на настаните деновиве е загрижувачки“.

Бројот на починати во Франција во четвртокот надмина 32.000.

„Ако мерките (рестриктивни, веќе воведени) не се доволно ефикасни, можеби ќе треба да ги прогласиме за област со најголем степен на опасност следната недела“, предупреди министерот.

Околу 5 милиони жители на Шпанија, повеќето од нив во и околу Мадрид, нема да смеат да ги напуштат градовите од саботата за да спречат ширење на коронавирусот, објави шпанската влада.

Шпанската влада во четвртокот објави дека ќе бидат воведени посебни мерки во сите градови со повеќе од 100.000 жители каде што е дијагностициран коронавирус кај 500 од 100.000 жители. Во моментов има 11 такви градови со вкупно население од 4,8 милиони жители.

Меѓу нив е и Мадрид, со околу 3 милиони жители, во кој коронавирусот е потврден кај 763 жители на 100.000 во последните две недели.

Од саботата, жителите на Мадрид и девет предградија нема да смеат слободно да го напуштаат градот. Полицијата треба да ги контролира пристапите и да ги пушти само оние со потврда за работа – во судови, болници, училишта или на пат кон дома. Влезот ќе биде дозволен под истите услови, а казните за прекршување ќе изнесуваат 600 евра.

Во Мадрид ќе им биде дозволено да се соберат најмногу шест лица, наместо сегашните десет. Кафулињата, рестораните и продавниците треба да го намалат капацитетот за 50 проценти, а ќе примаат клиенти до 22 часот и мора да престанат да работат во 23 часот. После тоа, само аптеките и бензинските пумпи ќе имаат право да работат.

Во Велика Британија, воведени се нови ограничувања во Ливерпул. Во таа област со 1,5 милиони жители, во затворен простор ќе бидат забранети блиски контакти меѓу оние кои не се членови на исто семејство. Се препорачува да не се оди на спортски настани, да се посетуваат домови за стари лица и да не се патува доколку не е потребно.

Ваквите ограничувања веќе стапија на сила во средата на северо-истокот на Англија. Тие се додаваат на мерките веќе прогласени на национално ниво и според кои кафулињата, рестораните и баровите мора да се затворат во 22 часот, а собирите се ограничени на шест лица, и на отворено и на затворено.

Поради влошените индикатори, Германија ја прошири својата листа на ризични области во соседните Белгија, Исланд и делови од Европа, а скоро цела Франција е прогласена за ризична.

Во Белгија, која е најпогодена од пандемијата на коронавирус меѓу европските земји, бројот на починати надмина 10.000 во средата, денот кога властите ја претставија мобилната апликација за следење контакти.

Баровите и кафулињата во Брисел ќе се затворат во понеделник во 23 часот, како дел од новите ограничувања поради ширењето на ковид-19.

Италија забележа 2.548 новозаразени со коронавирус во последните 24 часа, а за прв пат од крајот на април земјата надмина нови 2.000 случаи, соопшти во четвртокот Министерството за здравство. Последен пат Италија имала заразено над 2.000 луѓе за еден ден на 29 април.

Најмалку 1.018.634 луѓе починаа од пандемијата „Ковид-19“ ширум светот, според „Франс прес“. Дијагностицирани се повеќе од 34 милиони случаи.

Соединетите држави се најлоши, како во однос на бројот на смртни случаи (206.959), така и според бројот на заразени (7.233.946). Следат Бразил (143.952 починати), Индија (98.678), Мексико (77.646) и Велика Британија (42.143).

Поврзани вести

Русија со категоричен одговор: Крим и Севастопол се наши

Никола Поповски

После 30 години, откриена секта: Жртвите биле млади девојки – вклучени две балетски училишта (видео)

Зошто Кипар ги укинува „златните пасоши“?

Никола Поповски

Кој повторно ќе биде во карантин: Европските земји ги заоструваат мерките

Никола Поповски

Блумберг: Успехот во справувањето со климатските промени не бара чудо, туку лидерство

Влатко Зорба

Грчката црква ја призна автокефалноста на Украинската православна црква

Влатко Зорба