Вести

Во САД заразени над 200.000 луѓе, 235 милиони луѓе се во изолација

Америка стана првата земја што достигна 207.613 лица кои се заразени со коронавирус. Претседателот Доналд Трамп и порача на нацијата да се подготви за две тешки недели, при што Белата куќа направи ново мрачно предвидување дека бројот на загинати во пандемијата може да биде меѓу 100.000 и 240.000.

Овој пат немаше оптимистички разговори за чудотворни лекови и отворање на затворените бизниси „до Велигден“.

– Сакам секој Американец да биде подготвен за тешките денови што претстојат. Ова ќе бидат многу, многу болни две недели – рече Трамп на прес-конференцијата во вторникот попладне.

Колку е болно? На прашањето колку Американци би умреле од вирусот, и покрај сегашните мерки, тој рече дека ќе биде подобро ако одговорат неговите медицински експерти. Бројот на загинати, според тековните проекции, ќе биде помеѓу 100.000 и 200.000. Анализата на Универзитетот во Вашингтон предвидува дека на 15 април ќе починат 2.124 Американци.

Здравствените власти велат дека бројот на загинати може да се намали доколку луѓето го променат однесувањето, пренесува Би-Би-Си.

– Ние навистина веруваме дека можеме да се справиме многу подобро. Ова би значело дека сите Американци треба сериозно да ја сфатат својата улога во спречувањето на ширење на инфекцијата, рече Дебра Биркс, координатор на работната група на Белата куќа за коронавирусот.

Трамп ги нарече обидите да се забави ширењето на вирусот во Америка „прашање на живот и смрт“ и ја повика јавноста да ги следи упатствата на неговата администрација. Тој предвиде дека земјата „наскоро ќе ја види светлината на крајот од тунелот“.

Д-р Ентони Фаучи, главен експерт на американската влада за заразни болести, рече дека бројките се „отрезнувачки“ и ги повика Американците да „додадат гас“ во колективниот напор да го спречат ширењето на инфекцијата.

– Бројот на заразени ќе продолжи да се зголемува. Не смееме да дозволиме ова да нè обесхрабри, бидејќи мерките за запирање на епидемијата всушност функционираат и ќе продолжат да даваат резултати, рече Фаучи.

Државниот секретар Мајк Помпео изјави дека службеник на Стејт департментот починал од коронавирусот, прва американска жртва на пандемија кај припадниците на дипломатскиот кор, но без да го детализира неговиот идентитет и како се заразил. Тој додаде дека 48 до 60 вработени во Стејт департментот се позитивни за вирусот.

Во меѓувреме, во државата Њујорк, епицентарот на епидемијата, бројот на заразени лица драматично се зголеми, за повеќе од девет илјади од понеделник, на вкупно околу 80.000, додека бројот на починати се зголеми на скоро 2.000, рече гувернерот Ендру Куомо.

Таа американска држава нарача 17.000 респиратори од Кина, со просечна цена од 25.000 американски долари. Куомо, сепак, рече дека очекува да добие само 2.500 респиратори, истакнувајќи дека проблемот е што тој се натпреварува со Федералната агенција за управување со кризи и многу други држави во набавката на опрема.

235 милиони луѓе во изолација

Повеќе од 235 милиони луѓе во Америка, или околу две третини, кои живеат во 33 држави, ги ставија своите граѓани во изолација. Наредбите да не излегуваат од домовите ако нема итни случаи сега се издадени во главниот град, Вашингтон, соседните држави Мериленд и Вирџинија, како и во Аризона и Тенеси.

Но, државните гувернери, како Мисури, одбиваат да наредат карантин, велејќи дека мерката е донесена на „индивидуална одлука“.

Држави во кои е наредена изолацијата се: Алјаска, Аризона, Калифорнија, Колорадо, Конектикат, Делавер, Хаваи, Ајдахо, Илиноис, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Масачусетс, Мичиген, Минесота, Монтана, Њу Хемпшир, Њу Џерси, Њу Мексико, Њујорк, Северна Каролина, Охајо, Орегон, Род Ајленд, Тенеси, Вермонт, Вирџинија, Вашингтон, Западна Вирџинија и Висконсин.

Поврзани вести

За 24 часа двојно се зголеми бројот на починати од коронавирусот во Кина

Бразил се искачи на третото место во светот во однос на бројот на заразени со новиот коронавирус

Доктор Фаучи и други високи официјални лица во карантин откако биле изложени на Ковид-19

Места каде короната сè уште не пристигнала

Влатко Зорба

Медведев си поднесе оставка

Никола Поповски

Враќање во Вухан: Епицентарот на коронавирусот станува најбезбедно место во светот