Регион СВЕТ

Во Специјалниот суд во Хаг денеска на распит Весели

Лидерот на Демократската партија на Косово и претседател на последниот состав на Собранието на Косово Кадри Весели отпатува вчера за Хаг, каде што денеска ќе биде интервјуиран од Специјалниот суд за воени злосотрства во Косово. Весели, кој беше еден од водачите на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) и раководител на косовската разузнавачка служба (ШИК), на новинарите на приштинскиот аеродром им изјави дека неговото сведочење пред истражителите на меѓународниот суд претставува „меѓународен момент за повторно докажување на чистотата на борбата на народот на Косово и на борбата на ОВК“.

– Специјалниот суд е предизвик наспроти ужасните српски злосторства, но истовремено е и меѓународен момент за повторно докажување на чистотата на борбата на народот на Косово и на борбата на ОВК. Секој борец на слободата е горд што ја имал среќата да ѝ служи на својата земја. И јас сум многу горд и благодарен за тоа. Историјата на ОВК е историја на правото на народот на Косово за слобода и независност, изјави Весели.

Тој не кажа дали во Хаг е повикан во својство на осомничен, или како сведок.

Распитот на Весели во Хаг првично беше закажан за почетокот на овој месец, но подоцна се одложи за денеска, 10 декември.

Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред oбвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено околу 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Меѓу оние кои добија покана е и поранешниот командант на ОВК Рамуш Харадинај кој, поради тоа, во јули годинава поднесе оставка од премиерската функција, по што беа распишани вонредни парламентарни избори, кои се одржаа на 6 октомври.

Истрагите, како што е најавено, се концентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Првите обвиненија, според приштинските медиуми, се очекува да бидат подигнати набргу, односно до крајот на оваа или на почетокот на идната година.

Поврзани вести

Орбан го „откачи“ Брисеи отиде во Белград кај Вучиќ

Носењето визири е забрането во Австрија

Никола Поповски

Чавушоглу: Имаме право да ја претвориме „Аја Софија“ во џамија, тоа е наша работа

Влатко Зорба

Кина: Покрај коронавирусот, се појави и птичјиот грип

Никола Поповски

Силен земјотрес ја погоди Грција, епицентарот на Крит

Изборниот штаб на сенаторот Берни Сандерс прогласи победа на првичните избори кај демократите во Ајова