Регион СВЕТ

Вонредната финансиска помош од 800 евра во Грција за 1,7 милиони вработени

Вонредната финансиска помош од 800 евра се проширува на уште многу вработени и може да ја добијат 1,7 милиони вработени, покривајќи 81 отсто од вкупниот број вработени во приватниот сектор, соопшти претпладнево Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас, објавувајќи проширување и на мерките за компаниите што ќе опфатат 800 илјади бизниси (76 отсто од вкупниот број) и 700 илјади самовработени (75 проценти од вкупниот број).

Министрите за финансии, за развој и за труд на Грција, денеска го претставија четвртиот пакет економски мерки за месец април, што всушност претставува дополнување и проширување на досега објавените, а мерките достигнуваат до 6,8 милијарди евра, односно како што рече Стајкурас, 3,5 отсто од БДП.

Во однос на месечната помош од 800 евра, министерот за финансии на Грција објасни нема да се оданочува, а за оние вработени кои имаат право да ја добијат помошта, државата паралелно ќе ги покрие нивните придонеси за осигурување за 45 дена, воедно ќе добијат и четири месеци одложување на плаќањето на долговите кон даночната управа.

Мерката се однесува на сите вработени без разлика дали нивниот работен однос е на одредено или неодредено време, со полно или скратено работно време.

Министерот за труд и социјална политика на Грција Јанис Вруцис, соопшти дека адвокатите, лекарите, инженерите, економистите – сметководители, професорите, наставниците и научниците, кои што се во посебна категорија, за тековниот месец, ќе добијат „едукативен надоместок“ во висина од 600 евра, а доколку кризата продолжи, од месец мај ќе бидат вклучени во мерките со останатите вработени и ќе добијат 800 евра помош.

За бизнисите, односно за околу 800 илјади компании предвидено е одложување на плаќањето на ДДВ-то и долговите кон државата.

За малите и средни претпријатија предвидена е посебна програма за финансирање преку т.н. „отплатен аванс“ за кој се одвоени една милијарда евра, а бизнисите директно од државата ќе добијат финансиски средства кои дополнително ќе ги вратат, а единствениот и главен предуслов за добивање на помошта е да нема отпуштања на вработените и да се задржат постоечките работни места.

Министерот за финансии на Грција уште еднаш потврди дека сите вработени во приватниот сектор регуларно ќе го добијат додатокот за Велигден, а овој пат ќе бидат вклучени и 108 илјади здравствени работници.

Стајкурас рече дека секој треба да ги исполни своите обврски, работодавецот да ги задржи работните места, вработениот да се прилагоди на “тешката работна средина“, а државата има обврска пред сите „да обезбеди безбедно средина за справување со исклучително тешките и вонредни околности“.

-Сè уште не знаеме колку ќе трае кризата. Затоа потребна е трезвеност, одговорност, остроумност и реализам. Штетата на економијата, краткорочно е важна. Ќе биде минлива, вели Министерот за финансии на Грција и додава дека со соодветните политики што ги спроведува владата и постојано ги зајакнуваме, целта е да се ограничат негативните последици од пандемијата на коронавирус.

Поврзани вести

Евакуирано седиштето на Амазон во Мадрид заради бомба

Земјотрес од 7,8 ги погоди Курилските Острови, објавена опасност од цунами

И Дачиќ ги повика Србите на Косово да гласаат за Српска листа

Maja_Serafimova

Тет-а-тет средба на Зеленски и Путин во Париз

Уапсени повеќе од половина сообраќајни полицајци на Малта, бидејќи лажирале стотици прекувремени часови

Александар Петровски

Ким повторно испрати писмо со благодарност до градежните работници