Адвокатот Александар Тортевски, член на основачкиот одбор на партијата „Твоја партија“ тврди дека ќе има време до изборите идната година официјално да се регистрираат како партија и да состават клавитетен состав и листи. Тој вели дека како партија ќе претендираат на оние 20 илјади граѓани кои се неопределени и кои, како што вели, не сакаат да бидат качувани во автобуси по митинзи за да не бидат избркани од работа.
-Факт е дека просторот за делување е многу стеснет поради клиентилизмот кој постои. Двете најголеми партии абсорбираат околу 300 илјади клиенти. Тие не се вистински членови туку материјално врзани кои им зависи егзистенцијата. Сметаат дека семејствата им се обезбедени со партиите, тоа е начин на живот и тоа се тие 600 илјади луѓе кои се зависни. Ние ќе претендираме на оние 20 илјади луѓе кои не сакаат да размислуваат по стереотип, кои сметаат дека не мора да одат на митинзи за да останат на работа. Сметаме дека е бескрајно глупо да наполните автобуси и да ги однесете членовите во еден град да мафтаат со знамиња за партијата, вели Тортевски.
Тој вели дека планот е партијата да има сосема нова организација за разлика од оној кој го имаат останатите партии.
-Ние одиме со работни групи, моментално се 7 и тоа ќе биде и бројот на министерства. На пример една работна група е Економија, екологија, стопанство и образование. Партијата ќе има колективно раководење со кратки мандати. Уште размислуваме за лице кое ќе ја претставува партијата, вели Тортевски.
Во однос на финансирањето на партиите, ставот на новата „Твоја партија“ е дека начинот мора да се промени. Тортевски вели дека помалите партии како Левица и партијата на Јанко Бачев незаслужено земаат пари од буџетот.