Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама денеска во Нови Сад усвоија заедничка Декларација, која се базира на имплементација на четири основни клучни слободи на ЕУ на Западен Балкан – за слобода на проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.
„Северна Македонија е отворена за секоја иницијатива што ја промовира регионалната соработка, за забрзување на процесот на евроинтеграции на сите земји од Западен Балкан, како што е и Берлинскиот процес“, изјави Заев по трилатерална средба во Нови Сад, додавајќи дека ова е важно и за интеграцијата на земјава во ЕУ.
Според него, на овој начин Балканот дефинитивно ќе биде повеќе почитуван од сите други региони во светот, ќе стане попривлечен и за странските инвестиции, кои ќе можат преку широк ресурс да ги прават своите планови врз основа на регионалната понуда што може да им ја испорача регионот.
„Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на соработката и ќе добиеме повеќе почит и поддршка од ЕУ, ако самостојно покажеме, како што покажавме денеска, дека имаме и внатрешен капацитет да ги исполниме оние очекувања, кои не се искористени како потенцијали“, изјави премиерот Заев кој на прашањето за економскиот бенефит за граѓаните во регионот од оваа иницијатива, изјави дека „конечна цел е повисок стандард на граѓаните, повеќе пари кај граѓаните, поголема финансиска моќ и постабилно стопанство, нови работни места и слично“.
„На микроплан тоа значи право на младите да студираат полесно каде било во регионот, да се вработуваат полесно каде било во регионот, компаниите недостатокот на стручен кадар можат да го надополнат во целиот регион, поголеми странски инвестиции…. Стануваме пазар на 20 милиони луѓе и со оваа иницијатива ќе испатиме порака на взаемна доверба во институциите и ќе значи раст на БДП, нови работни места и други придобивки на нашите граѓани“, истакна Заев.