Како сојузниците на Владимир Путин, така и непријателите на Доналд Трамп се обидуваат да дадат поголемо значење на наводната врска помеѓу одлуката на САД да ја признаат Голанската висорамнина како дел од Израел и признавањето на руската анексија на полуостровот Крим. Сепак, паралелите се незначајни, вели Леонид Бершидски во својот материјал за „Блумберг“.
На прв поглед сличностите меѓу двата случаја се очигледни: и двете територии се заземен од соседна држава (Сирија, односно Украина) со употреба на воена сила. И двете потоа се приклучени од стратешки причини.
Израел ја презеде контролата врз Голанската висорамнина во 1967 година по шестдневната војна за да ги спречи нападите од арапските земји. Благодарение на топографијата, мала израелска одбранбена сила може да одбие напад врз поголеми воени формации. Пример за ова се настаните од 1973 година, кога 177 израелски тенкови успеаја да ја сопрат офанзивата на 1.500 од Сирија.
Путин од своја страна го презеде Крим од страв дека новата украинска влада ќе ги затвори руските воени бази на полуостровот и ќе овозможи на НАТО да воспостави свое присуство точно до руските црноморски пристаништа и практично да го отцепи пристапот на Москва до топлите мориња.
Во исто време коментарите на државниот секретар Мајк Помпео од минатиот викенд, чија цел беше да јапобие врската помеѓу Голанската Висорамнина и Крим, само ја распалија уште повеќе ситуацијата.
„Она што претседателот (Доналд Трамп) го направи со Голанската висорамнина, е да признае каква е реалноста на терен и безбедносната ситуација, неопходна за заштитата на израелската држава“, рече тогаш Помпео. „Толку е едноставно“, додаде тој.
Но, ако е толку едноставно, Соединетите Држави, исто така, треба да ја прифатат ситуацијата на терен во Крим, како и руските безбедносни интереси таму. Следејќи ја оваа логика портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова напиша на Facebook дека признавањето на Крим за руски, треба „да следи автоматски“ од коментарите на Помпео.
И навистина на површина постои аргумент дека ако едната стратешка анексија е призната, тогаш треба тоа да се случи и со другата и одбивањето на САД да го стори тоа, ги тера да изгледаат лицемерно. Руските политичари, се разбира, не ја пропуштија оваа можност.
Но во една навидум противречност со себе, руските власти не инсистираат Трамп да го признае Крим за руски, откако ја призна Голанската висорамнина за израелска. Наместо тоа, позицијата е дека израелската аннексија не треба да се признае, бидејќи го крши меѓународното право. Коментари од претставници на руското Министерство за надворешни работи се однесуваат на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 1981 година дека претпоставката за владеење над Голанската висорамнина е нелегална.
Се разбира, не постои таква резолуција за Крим, бидејќи Русија ги блокира обидите за нејзино прифаќање.
Меѓутоа, постои резолуција на Генералното собрание на ОН, според кое заземањето на територии е нелегално. И одлуката на Советот за безбедност за Голанската висорамнина е исто толку погоден преседан за Крим, колку резолуцијата усвоена по инвазијата на Ирак во Кувајт во 1990 година или кога беше создадена Севернокипарската турска република во 1983 година. Овие одлуки ја потврдуваат на меѓународно ниво т. н. доктрина „Стимсон“, според која САД не треба да признаваат принудни промени на меѓународните граници на земји со кои имаат потпишани договори.
Од оваа гледна точка, руската официјална реакција е правилна, а неформалната споредба со Крим, не е. САД, како и секој друг, треба да се воздржат од тоа да признаваат анексија, бидејќи тоа ги охрабрува војните за територии без разлика дали нивната кауза е праведна.
Лесно е сега да се дискутира за специфичните разлики помеѓу голанската и кримската ситуација. Од една страна, во војната, што доведе до преземање на Голанската висорамнина, прво беше нападната израелската држава. Во исто време Крим бил дел од Русија и најголемиот дел од населението на полуостровот поддржа пристапување кон Русија, вклучувајќи на референдумот од 2014 година. Израел од своја страна ја презеде контролата врз Голанската висорамнина без какво и да е било историско оправдување или референца за волјата на луѓето.
Но, штом еднаш таквите аргументи веќе ќе почнат да се дискутираат, тоа значи дека нема дефинитивни правила за ова прашање, и на крајот може да се случи сè.
Законодавството за преземање на територии по Втората светска војна може да биде едно од најважните во сегашната меѓународна ситуација. Ова е исто така една од главните причини зошто воените потфати се толку ретки во денешно време.
Ова е случај кога официјалната позиција на руското Министерство за надворешни работи за Голанската висорамнина е правилна, но исто така треба да се применува и на Крим.