И покрај трговската војна меѓу Соединетите држави и Кина и санкциите наметнати од САД, деловниот успех на кинескиот телекомуникациски гигант Huawei напредува.
Резултатите покажуваат дека Huawei остварил приход од 86,01 милијарди долари во првите три квартали од оваа година, што претставува зголемување за 24,4% во однос на истиот период минатата година, соопшти компанијата.
Поточно, Huawei продал повеќе од 185 милиони паметни телефони на глобалниот пазар во првите три квартали, што претставува раст од дури 26%. Компанијата исто така расте во продажба на своите компјутери, таблети, паметните екрани Vision и други уреди.
5G мобилна мрежа
Што се однесува до мобилната мрежа 5G, кинескиот телекомуникациски гигант уште во јуни соопшти дека санкциите нема да влијаат врз нејзиниот бизнис со следните генерации на 5G мрежи.
“Испраќам јасна порака на сите овде дека санкциите воопшто не влијаат на нашите постојни решенија за 5G мрежите. Ние целосно им гарантираме на нашите потрошувачи снабдување за веќе склучените договори, но и за оние што ќе ги потпишеме во иднина”, рече заменик-претседателот на Huawei, Кен Ху во јуни на прес-конференција на мобилниот светски конгрес.
„Huawei веќе инвестираше 4 милијарди американски долари во 5G мрежите и нашата стратегија за инвестирање нема да се промени во следната фаза“, додаде Ху.
Кинеската компанија соопшти дека тие склучиле повеќе од 60 трговски договори до средината на октомври за изградба и распоредување на следната генерација на мрежа со водечки теле-оператори во Европа, Азија и Латинска Америка.