СТАНДАРД life
МК Сцена

„Домаќинство за почетници“ ја доби 17. Queer Lion награда на фестивалот во Венеција

„Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски ја доби 17. Queer Lion награда во рамките на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција.

Филмот во продукција на Лист Продукција – Скопје е награден во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер.

Во објаснувањето за наградата стои дека: „Queer Lion со гордост го наградува филмот “Домаќинство за почетници” во режија на Горан Столевски, за невообичаеното  и храбро прикажување на етникумите, различностите, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емотивните афинитети.”

„Квир семејствата не се иднината; тие се сегашноста!“, изјави режисерот Столевски за извонредниот, трогателен и топол прием од публиката во Венеција по проекцијата на неговиот филм.

„Домаќинство за почетници“ пред два дена ја имаше светската премиера во Венеција, во рамките на натпреварувачката програма „Orizzonti“, а публиката во преполната сала „Дарсена“ со голем аплауз и долги стоечки овации ги награди режисерот Столевски и актерската екипа во филмот.

17-тото издание Queer Lion Award, која е една од неколкуте дополнителни награди кои се доделуваат во склоп на филмскиот фестивал во Венеција од страна на здруженија на филмски критичари, клубови и културни здруженија и кино професионалци, ќе се одржи денеска во 19 часот. Наградата е иницирана во 2007 од страна на Даниел Н. Казагранде, новинар и филмски критичар, а со поддршка на Марко Милер, тогашниот директор на филмскиот фестивал во Венеција.

Дополнително „Домаќинство за почетници“ доби е специјално признание од италијанската фондација “Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente” за социјално ангажиран филм. Во објаснувањето за ова признание стои: ”Филмот е навистина извонреден бидејќи го истражува влијанието на различните слоеви на идентитет, како што се полот, етничката припадност, сексуалната ориентација и религијата преку интерсекциска призма.”

 

Поврзани вести

„Кајмак“ на Манчевски освои награда и во Тирана

Urednik

„Кајмак“ ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда

Radmila Tasevska

📽 Касапски со нов видео запис за макфестовската „Помини“

Urednik