По повод 1ви јуни, Светскиот ден на млекото Битолска млекара реализираше значајна донација во производи за задоволување на потребите на децата кои се згрижени во Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје.
“Бимилк како општествено одговорна компанија отсекогаш во фокусот ги имала децата и нивниот правилен раст и развој. Под мотивот да создадеме подеднакви услови за сите, фокусирани приоритетно на потребите на децата, нивното згрижување и овозможување услови за слободно растење и развивање, го одбележуваме денешниот ден, денот на млекото и сакаме да потсетиме за важноста на млекото, неговите придобивки и да не заборавиме на најважното, дека сите деца заслужуваат исти услови за безгрижно растење”, изјави Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во Бимилк.
“Снабдувањето со неопходните производи од Битолска млекара е од големо значење за нас, како институција што згрижува деца и младинци на дневна основа и интернатски, за што упатуваме голема благодарност. Донациите и помошта од општествено одговорните компании, како Бимилк, се клучни за непречено функционирање на Заводот, затоа потребна ни е поддршка и се надеваме дека и други компании ќе го следат овој пример”, рече директорот Фатмир Ејупи.
Веќе традиционално, компанијата „Бимилк“ на хуманитарен начин го одбележува Светскиот ден на млекото со донации за повеќе организации и здруженија, водејќи сметка за доброто здравје на социјално ранливите категории, особено за децата.