Претседателот на САД, Доналд Трамп дал одобрување на договор што ќе дозволи кинеската апликација за споделување видео-снимки ТикТок да продолжи да работи во САД.
Трамп им изјави на новинарите дека му дал „благослов“ на партнерството меѓу „ТикТок“ и американските компании „Оракл“ и „Волмарт“.
Претседателот претходно нареди забрана на апликацијата во САД, повикувајќи се на национална безбедност. Американските безбедносни служби стравуваат дека податоците собрани од сопственикот на „ТикТок“ можат да бидат предадени на кинеската влада.
Сопственикот на „ТикТок“, компанијата „БајтДенс“, ги негираше обвинувањата дека ги споделила податоците со кинеската владејачка Комунистичка партија.
Во саботата, Трамп рече дека договорот ќе обезбеди безбедност на податоците за околу 100 милиони Американци кои ја користат апликацијата, велејќи им на новинарите: „Безбедноста ќе биде 100 проценти“.
„Му дадов блаагослов на договорот“, рече Трамп.
„ТикТок“ и „БајтДенс“ го поздравија одобрувањето на претседателот Трамп, но договорот мора да биде одобрен и од кинеската влада.
Поддршката на Трамп за договорот доаѓа неколку дена откако неговата администрација соопшти дека ќе им забрани на луѓето во САД да преземаат „ТикТок“.
Сепак, Министерството за трговија на САД соопшти дека сега го одложи овој рок за една недела, до 27 септември, во светло на „неодамнешните позитивни случувања“.