СТАНДАРД life
МК Сцена

Гала златна премиера за 30 години од „Пред дождот“

„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.

Овој настан, на 9 декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија – не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.

На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.

Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија.

Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот.

Златната гала премиера ја финансира „Витаминка“. „Дајнерс“ и Лотарија, кои ги поддржаа изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски“ и изданието на меморијалниот есеј „Убавите работи долго траат“ кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката, Британскиот совет го обезбеди доаѓањето на гостите од странство, а Мајпринт печатарските услуги.

Појавувањето на „Пред дождот“ е дел од создавањето на државноста и на националното самочувство. Македонија и Македонците можат да создадат дело кое се смета за светски класик и дело преку кое многумина во светот за првпат слушнаа за Македонија.

Или како што ќе каже заменик-амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Даниел Филер во 2024: „Уметници како Манчевски се оние што го градат идентитетот на оваа земја“.

„Пред Дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.

За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.

Годинава и Државниот филмски архив на Кина и Државната телевизија на Словенија го одбележуваат јубилејот со специјални проекции на „Пред дождот“, а повторно ќе се прикажува и во Бразил.

Поврзани вести

Skopje Tattoo Show 2023: Македонците покажаа колку ја сакаат тату уметноста

Urednik

Ди-Џеј Александар Јорданов: Не се подготвувам за моите сетови, нема ништо поубаво од спонтаност

Urednik

Калиопи со детали за трагедијата на нејзиниот концерт

Radmila Tasevska