Семеен терапевт ја аралмирал ќерката на убиените Роб и Мишел Рајнер, бидејќи не ја отворале вратата за закажаниот термин, пренесува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извор близок до семејството на убиениот филмски режисер и неговата сопруга.
Како што наведува извор близок до истрагата за „Дејли мејл“, двојката била убиена на најсуров начин – со пресекување на грлата, а постои сомнение дека биле убиени додека спиеле.
– Тој можел да го стори тоа кратко откако отишле дома, што значи дека отишол таму и им ги пресекол грлата среде ноќ. Тие биле во кревет кога се случило тоа – тврди изворот.
Извор потврдил дека ќерката на Рајнер, Роми, го пронашла телото на својот татко сама и ги оспорил извештаите дека брачниот пар Рајнер се скарал со својот син Ник на забава претходната вечер.
Во извештајот се наведува дека терапевтот кој дошол на закажаниот термин прв ја кренал тревогата бидејќи не можел да влезе во имотот на Рајнер.
Тој ја контактирал нивната ќерка, Роми Рајнер, која живее во близина, а потоа таа влегла во куќата и го пронашла телото на Роб Рајнер.
„Њујорк тајмс“ наведува дека „преплашената Роми потоа избегала од куќата не сфаќајќи дека и телото на нејзината мајка е во неа“, а потоа нејзината цимерка која дошла со неа го пријавила случајот во полиција која ги открила телата на двајцата убиени сопружници.
Неименуваниот извор, исто така, ги оспори медиумските извештаи дека Роб и Мишел Сингер Рајнер биле особено загрижени за однесувањето на Ник во последните недели, велејќи дека семејството е „навикнато заедно да ги решава проблемите на Ник“.
Коментирајќи ги извештаите за наводното „непредвидливо“ однесување на Ник на забавата што ја организирал ТВ комичарот и водител Конан О’Брајан ноќта пред убиството, изворот на „Њујорк тајмс“ рекол дека иако не е во позиција да каже дали Роб го прекорил својот син за несоодветно однесување на забавата, тврдењата дека двајцата „имале жестока расправија не се точни“.
Шефот на полицијата во Лос Анџелес, Џим Мекдонел, во вторникот изјавил дека вештакот сè уште не утврдил дали Рајнерови починале доцна во саботата или во неделата, но медиумските извештаи сугерираат дека состојбата на пронајдените тела укажува дека тие биле мртви неколку часа пред да пристигне полицијата.
Властите го обвинија Ник Рајнер (32), синот на убиениот пар, за убиство од прв степен и употреба на опасно оружје, и тој моментално е во притвор без можност за кауција.
Ник Рајнер (32) денеска за првпат се појави на суд во Лос Анџелес, каде што ќе се соочи со обвиненија за убиство на своите родители.
Тој бил виден како носи фармерки и заштитен елек од самоповредување, а под него без маица.
Ник се изјаснил за невин, а неговото прво рочиште е одложено за 7 јануари.
