Секоја година, 26 септември се прославува како Светски ден за здравата животна средина. Во оваа смисла во фокус се многу теми, и тоа поради различните надворешни сили кои влијаат врз начинот на кој луѓето живеат, јадат и се развиваат, и позитивно и негативно. Според Светската здравствена организација, глобалните еколошки проблеми се причина за повеќе од 12,6 милиони смртни случаи годишно. Како предизвикувачки фактори овде се вбројуваат загадувањето на почвата, ултравиолетовото зрачење и губењето на биолошката разновидност.
Повеќе од 100 болести и повреди може директно да се поврзат со немањето здрава животна средина. Честопати, овие прашања имаат најголемо влијание врз заедниците кои се сиромашни и кои веќе имаат значителни ранливости во однос на здравствената заштита.
Поздрави растенија, поздрави луѓе
За да одговориме на овие прашања на локално и глобално ниво притоа движејќи се нанапред, клучно е да се разбере дека човечката активност е одговорна за најголем дел од деградацијата на природниот свет: прекумерен риболов, уништување шуми, прекумерна потрошувачка, загадување со пластика и многу друго. Овогодинешната порака е јасна и гласна: Заложувајте се секојдневно за да го заштитите здравјето на сите. А еден од начините на кои ова може да се постигне е да се зачува еден од најважните делови на нашата планета – растенијата.
Растенијата се столбот на животот на Земјата: тие ни го обезбедуваат воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме. Денес, растенијата се под голем „притисок“ поради климатските промени и човечките активности, како што се трговијата и патувањето. Растителните штетници може да предизвикаат катастрофални економски и еколошки загуби.
Во однос на здравјето на растенијата, Северна Македонија се соочи со инфекција на плантажите со коскесто овошје со фитопатогената габа Monilinia fructicola (Winter) Honey во текот на 2018 и 2019 година. За поефикасно справување со оваа габа, Фитосанитарната управа подготви акциски план со потребни мерки и активности кои требаше да ги спроведат производителите на коскесто овошје, како и откупните компании кои дистрибуираа коскесто овошје.
Одржувајте ги растенијата здрави, заштитете го животот
Една од клучните активности што ги презеде Националната организација за заштита на растенијата (НППО) – Фитосанитарната управа беа: организирани едукативни трибини за сите засегнати страни со посебен осврт на потребата од спроведување превентивни мерки, хемиски мерки во насадите, како и хигиенски мерки за контрола на габата по бербата. За среќа, инфекцијата беше ставена под контрола и присуството на габата континуирано се следи секоја година, врз основа на годишниот план за фитосанитарен мониторинг.
Северна Македонија ги здружи силите со Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) за да ја поддржи и унапреди свеста за здравјето на растенијата и неговата поврзаност со нашиот секојдневен живот. Кампањата #PlantHealth4Life има за цел да нагласи дека здравите растенија се важни за производството на земјоделски култури, за одржување на здравјето на шумите и за зачувување на природните и засадените површини, природните екосистеми и биодиверзитетот.
Секој човек има клучна улога и може да се вклучи во процесот на одржување здрави растенија, и тоа на следниов начин:
• Ако претпочитате да патувате надвор од ЕУ и уживате да ги гледате сите тие прекрасни, егзотични растенија, размислете двапати пред да ги земете дома со вас! Тие растенија, семиња, овошки, зеленчуци или цвеќиња може да содржат растителни болести и штетници
• Доколку се шетате или работите во вашата градина, овоштарник или лозје и забележите знаци на штетни растителни организми, веднаш известете ги НППО – Фитосанитарната управа и овластените технички институции
• Едуцирајте ја следната генерација: Вклучете се во разговори за важноста на растенијата со вашите пријатели, семејството, децата. Учејќи ги за здравјето на растенијата, им давате моќ да станат одговорни заштитници на животната средина.