Фондот за иновации и технолошки развој донесе одлука да овозможи прилагодување на веќе доставените инвестициски планови, во рамките на два тековни јавни повика објавени пред кризата, кон новонастанатите услови на пазарот.
Како што информираат од ФИТР во рамките на јавните повици за Технолошки развој и Стартапувај 2, во различни фази на евалуација се вкупно 269 проекти од исто толку домашни микро, мали и средни компании. Вкупниот обем на финансирање под овие инструменти е 4,5 милиони евра, што сега ќе се наменат за инвестициски планови прилагодени кон потребите за брз развој и почеток на економско заздравување. Овие компании вработуваат над 1.100 лица. Конечна одлука за доделување на финансиска поддршка под Јавниот повик за Технолошки развој се очекува во првата недела од мај, додека за јавниот повик Стартапувај 2 до крајот на истиот месец.
Во пресрет на донесување на одлуката, ФИТР спроведе истражување на ризиците и очекуваните последици врз бизнисот од актуелната криза причинета од КОВИД 19 кај домашните компании.
Истражувањето е спроведено во периодот од 10 до 15 април на група од 269 микро, мали и средни компании од Република Северна Македонија, и тоа: 66 се во фаза на финална селекција на јавниот повик за Технолошки развој по редовна постапка и 203 се во фазата на претселекција на јавниот повик Стартапувај 2. На прашалникот одговориле 248 компании кои направиле самостојна проценка на ризик во однос на седум категории: проектен тим, ланец на набавка, организација на работа, користење на специфични услуги и опрема, финансиска способност и одржливост и пазар и генерирање на приходи.
-Од вкупниот број на компании што доставија одговори на прашалникот, 196 или 79 отсто процениле постоење на еден или повеќе ризици врз бизнисот. Од нив најголем дел се микро препријатија, 184 кои пријавиле и најголем степен на ризик – 74 отсто, 65 се мали претпријатија со проценка за значително помал ризик – 22 отсто и осум компании со средна големина кои имаа проценка за најмал ризик 8 отсто од кризата врз бизнисот, се вели во денешното соопштение од ФИТР.
Во однос на посебните ризици најголем дел, односно 59 отсто од компаниите очекуваат потешкотии во однос на пазар и генерирање приходи, како и во однос на финансиската способност и оддржливост каде 49 отсто од компаните очекуваат дека кризата ќе има влијание. Како најголем проблем во однос на овие ризици тие идентификуваат пад на производството и побарувачката, пад на продажбата, нестабилен пазар, намален обрт и добивка, опасност од губење на клиенти, како и тоа дека одоговлекување на кризата може да влијае врз финасиската стабилност и оддржливост. Речиси сите имаат наведено дека за нивно надминување клучно е користење на државна финансиска помош, како и кратење на оперативни трошоци и изнаоѓање на алтернативни извори на финансирање.
Најмал ризик од околу 38 отсто е идентификуван во однос на користење на специфични услуги, сервиси и опрема, проектниот тим и ланецот на набавка. Нешто повисок степен на ризик од 47 отсто е поврзан со организација на работата. Она што е заедничко за сите овие ризици е дека компаниите справувањето со нив го гледаат во дигитализација на работните процеси и набавки, како и адаптација и користење на онлајн алатки за работа. с