Бизнис климата во Германија значително се влоши во јануари под влијание на нови строги ограничувања со кои владата се обидува да го заузда вториот бран на епидемијата на коронавирус, покажа во понеделникот извештајот на Институтот Ifo.
Индексот на деловната клима на Ifo падна за 2,1 поен во јануари од ревидираната вредност во декември, на 90,1 поен.
Вредностите под 100 поени сигнализираат дека преовладуваат песимисти меѓу анкетираните деловни лидери.
По оптимистичкиот крај на 2020 година и почетокот на вакцинацијата против коронавирус, истражувањето покажува и значително полоша проценка на тековната економска состојба, што се рефлектира во истиот пад на соодветниот индекс, на 89,2 поени.
Изгледите за германската економија во текот на следните шест месеци исто така се влошија, проценуваат германските деловни лидери, со пад на соодветниот индекс за 1,9 поени на 91,1 поен, велат од Ifo.
„Вториот бран на пандемија на коронавирус привремено го запре закрепнувањето на германската економија“, заклучи претседателот на Ifo, Клеменс Фуест.