Специјалниот годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Сингапур, кој беше планиран да се одржи во мај, е одложен за два и пол месеци и ќе се одржи од 17 до 20 август, беше објавено на официјалната веб-страница на СЕФ.
Првично беше најавен специјален годишен состанок на СЕФ во Сингапур за 25-28 мај.
Иако СЕФ и владата на Сингапур продолжуваат да веруваат дека мерките што се во сила обезбедуваат услови за безбеден и ефикасен состанок и дека пренесувањето на коронавирусот во таа земја е занемарливо, терминот е преместен поради меѓународните тешкотии во борбата против пандемијата.
„Специјалниот годишен состанок во 2021 година во Сингапур во август, ќе биде првиот глобален самит на лидери за решавање на предизвиците за закрепнување од пандемијата и поставување на темелите за поинклузивен и одржлив свет. Ќе ги обедини светските лидери лице-в-лице за да се фокусираат на изнаоѓање решенија за најгорливите предизвици на нашето време“, според информациите на веб-страницата на СЕФ.
Собирот во Сингапур доаѓа откако традиционалниот Форум во Давос се одржа во виртуелен формат за прв пат во својата 51-годишна историја во јануари оваа година, поради пандемијата Ковид-19.