СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Макстил инвестира во намалување на емисиите на прашина во воздухот и во безбедноста при работа во екот на кризната година

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини при денешната посета на компанијата Макстил се запозна со инвестициите во напредните технологии со кои се намалуваат емисиите на прашина во воздухот. Посетата на Макстил беше со цел запознавање со иницијативите и инвестициите со кои се врши максимално намалување на влијанието на производниот процес врз амбиенталниот воздух и воспоставување пракса за нивна поширока примена.

Во текот на посетата министерот Нуредини беше запознаен со тековните процеси во компанијата, постигнатите подобрувања на производните резултати од досегашните инвестиции како и компаниската стратегија во однос на следните вложувања во модернизација на производните процеси.

„Макстил по исполнувањето на обврските согласно оперативниот план, ја доби својата А-интегрирана дозвола во август минатата година, и ние сме денеска тука за да ги видиме дополнителните инвестиции остварени од страна на компанијата по добивањето на дозволата. Ова е еден пример како компаниите можат да вложат напори и преку инвестиции во модернизирање на комплетниот производен процес, да го подобрат работењето, а истовремено и да ги постигнат стандардите за заштита на животната средина. Разговаравме за тоа како може уште подобро да функционира воведената пракса на јавно објавување на емисиите на цврсти честички кои се испуштаат од производствените оџаци. Ова е еден пример како компаниите самоиницијативно се подготвуваат и се прилагодуваат кон построгите стандарди. Ги охрабрувам и другите индустриски капацитети, да вложуваат во рамките на своите планови за подобрување и корпоративна општествена одговорност со време, бидејќи со паметни инвестиции заштитата на животната средина и успешното работење се возможни”, изјави министерот Нуредини.

Компанијата во изминатите години вложи значителни средства во автоматизирање на технолошкиот процес за контрола на производството. Со тоа, максималното намалување на емисиите на прашина во воздухот го постави како свој приоритет. Во однос на потребите од инвестирање и поголема безбедност на своите вработени, Иван Бановски генералниот директор на Макстил изјави:

„Инвестициите што ги вложувавме во изминатите години вклучувајќи ја и последната, кои се заокружуваат на 17 милиони евра, веќе даваат резултати во однос на зголемување на безбедноста при работа со што во континуитет се подобруваат работните услови. Но, исто така тие имаат влијание и врз зголемувањето на производниот капацитет, што позитивно се рефлектираше врз економските показатели на земјата, притоа едновремено носејќи се со сите предизвици што ги наметна глобалната криза во текот на изминатата година. Во периодот кој ни претстои очекуваме зголемување на позитивните ефекти од инвестициите, а планираме и во наредниот период овие инвестиции да продолжат”.

Макстил е компанија што придонесува во одржувањето на економската активност во државата со просечна годишна вредност на извозот од околу 70 милиони евра, односно учество во вкупниот извоз на земјата со 2,5%, учество во вкупната бруто додадена вредност во економијата на земјата, во нормална година со 0,3% додека во рамките на преработувачката индустрија, рударството и енергетика учествува со 1,2%. Показатели кои повеќекратно се мултиплицираат преку поврзаните индустрии на влезната и излезната страна. Моментално, Макстил вработува околу 1 000 лица. Истовремено е една од најактивните општествено одговорни компании со редовни донации во различни сектори а се јавува и како единствен покровител на Одделот за неонатологија при Универзитетската клиниката за детски болести.

Поврзани вести

Отворен прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти

Влатко Зорба

Загуби од 45 милиони денари во патничкиот сообраќај, од 145 милиони во товарниот

Влатко Зорба

МФ: Со предлог-измените на Законот за инвестициски фондови се создава можност за зголемена либерализација и продлабочувaње на пазарот на капитал

Влатко Зорба