СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Минималецот ја качува и просечната плата – За две години раст од 3.500 денари

Минималната плата ќе изнесува 14.500 денари, по преговори со бизнис секоторот и синдикатите, најави премиерот Зоран Заев на прес конференција. Во разговорите имало различни мислења од трите страни, но на крајот дошле до договор минималната плата да се качи за 2.000 денари.

Според Заев, целта, е подобрување на животниот стандард на работникот и намалување на сиромаштијата.

„Внимателно ги следиме сите мерки и ќе продолжиме со нив за да може стопанството да ги следи истите. Сите треба да работиме ако сакаме повискои плати и поголема конкурентност. Да бидеме поработлива нација и посветено да работиме“ рече Заев.

Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, растот на платите е предизвикан од реалната економија во земјата, а нивото на минималната плата е во принцип ниво кое е приближно на нивото во другите земји во регионот.

Моменталната минимална плата изнесува 12.507 денари, покачување кое владата го донесе во 2017 година.

Премиерот Заев рече дека се надева оти до 2020 година, минималната плата ќе изнесува 16.000 денари, а просечната плата 30.000 денари, ветување кое го имаа во предизборната кампања „Живот за сите“.

Според статистиките на Државниот завод за статистика, просечната плата во јули годинава изнесувала 25.104 денари, за разлика од јули месец 2016 година, кога просечната плата изнесувала 22.671 денар, а минималната плата изнесувала 10.080 денари.

Експремиерот Никола Груевски, чија влада ја воведе минималната плата, која во 2016 година изнесуваше 10.080 денари, ветуваше дека до 2020 година ќе се дојде до минимална плата од 14.000 денари, односно 2.000 денари помалку од ветувањето на актуелната власт.

„Имајќи ги предвид позитивните резултати од воведувањето на минималната плата, додаде тој, истата ќе се зголемува и во следниот период. Од постоечката која изнесува 10 080 денари, ќе порасне на 12.000 денари во 2017, 12.500 денари во 2018, 13.200 денари во 2019, на 14.000 денари во 2020 година. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата која сега изнесува 9.000 денари, ќе порасне на 10.500 денари во 2017, 11.500 денари во 2018, 12.500 денари во 2019, на 13.500 денари во 2020 година. Ова покачување е реално и балансирано, и тоа ќе обезбеди зголемување на платата без ризик за отпуштања на вработени или пак проблеми кај работодавците“, рече Груевски за време на изборната трка во 2016 година.

Поврзани вести

Агро секторот апелира за отворање акредитирана лабораторија за квалитет на семе за извоз

Влатко Зорба

“НЕОТЕЛ” СО НОВА ПРОМОЦИЈА за следење на сите спортските настани

Влатко Зорба

23 милијарди денари наменети за капитални инвестиции во 2021 година

Влатко Зорба