Најновото истражување покажа дека вежбањето наутро влијае на побрзо слабеење, за разлика од физичката активност во други периоди од денот.
Иако прашањето за оптималното време за вежбање сè уште не е дефинирано, најновите докази јасно покажуваат дека физичката активност помеѓу 7 и 9 часот е најефикасна за слабеење.
Научниците откриле дека испитаниците кои вежбале во ова време од денот имале намалено ниво на телесни масти и потенка половина, дури и кога биле помалку физички активни во целина од луѓето кои вежбале попладне и навечер.
„Познато е дека вежбањето е клучно за успешно управување со тежината, но до сега немавме јасност за оптималното време од денот“, вели д-р Тонгју Ма, водач на ова истражување во кое учествувале 5.285 луѓе.
Најинтересен податок е дека групата која вежбала наутро поминувала помалку време во физички активности и повеќе седела во текот на денот, а сепак имале подобри резултати, пишува тпортал.
„Овие докази покажаа дека наоѓањето свој стил на вежбање и тоа во утринските часови (помеѓу 7 и 9) може да игра голема улога во процесот на слабеење“, велат научниците.
Иако признаваат дека причината за овие резултати не им е сосема јасна, се чини дека се под влијание на деноноќниот ритам, природниот циклус на спиење и будност, кој вклучува бројни хормонски и други биолошки процеси.
„Новата студија само ги поддржува претходните докази дека утринското вежбање има позитивен ефект врз намалувањето на крвниот притисок, стресот и анксиозноста, како и подобрување на когнитивната функција во текот на денот“, истакна д-р Мајкл Фредериксон од Стенфорд.
Заклучокот на авторот е јасен – утринското вежбање би можело да биде важен фактор за спречување на дебелината и еден од суштинските сојузници во борбата против вишокот килограми.