СТАНДАРД life
Здравје

Црвеното вино им задава главоболка на многу луѓе: „Проблемот може да биде состојка во поскапите сорти“

Американски научници можеби откриле зошто некои луѓе добиваат главоболка и по консумирање на мала количина црвено вино, иако не наидуваат на сличен проблем при консумирање други видови алкохол, пишува Би-Би-Си. Тимот од Универзитетот во Калифорнија вели дека причината за тоа е соединение присутно во црното грозје кое може да влијае на разградувањето на алкохолот во организмот. Тоа е антиоксиданс или флаванол, соединение познато како „кверцетин“ кое се наоѓа во кората на грозјето.

„Ако грозјето се одгледува во област со повеќе сонце, тогаш тие произведуваат повеќе кверцетин. Тоа значи дека за луѓето кои се повеќе склони кон главоболки, консумацијата на поскапи, наместо поевтини, црвени вина може да биде поголем проблем“, изјави за Би-Би-Си еден од истражувачите, професорот Ендру Вотерхаус.

„Евтините сорти на грозје се одгледуваат на големи лози со повеќе лисја и не добиваат многу сонце, додека висококвалитетното грозје доаѓа од винова лоза со помалку лисја и е повеќе изложено на сончевите ултравиолетови зраци. Големо внимание се посветува на количината на сонце грозјето добива за да го подобри квалитетот на виното“, објасни Вотерхаус.

Постојат неколку претпоставки за тоа зошто главоболката може да се појави кај поединци половина час по консумирањето дури и мала количина црвено вино. Некои веруваат дека причината се сулфитите – конзерванси кои се користат за продолжување на рокот на траење и одржување на свежината на виното, но обично концентрацијата на сулфити е поголема кај послатките вина во споредба со црвените вина.

Иако некои луѓе се алергични на сулфити и знаат да ги избегнуваат, има малку докази дека тие предизвикуваат главоболки. Друг можен виновник е хистаминот, кој почесто се наоѓа во црвените отколку во белите или розовите вина. Хистаминот може да предизвика проширување на крвните садови во телото, што пак може да предизвика главоболка. Но, ниту за тоа нема сигурни докази.

Разградувањето на алкохолот во организмот се одвива во два чекори – алкохолот се претвора во токсично соединение ацеталдехид, кое потоа се претвора во безопасен оцет со помош на ензимот кој го метаболизира алкохолот (ALDH2). Ако второто не се случи, штетниот ацеталдехид се акумулира и предизвикува симптоми.

„Кога кверцетинот влегува во крвотокот, телото го претвора во различна форма наречена кверцетин глукуронид“, рече Вотерхаус. Бидејќи кверцетинот глукуронид се меша со ензимот кој помага во разградувањето на алкохолот, може да предизвика акумулација на хемикалија наречена ацеталдехид, што пак може да резултира со гадење и главоболки.

Научниците велат дека слично нешто се случува и кога ќе се појави главоболка по консумирање на црвено вино, бидејќи лабораториски докажале дека кверцетинот индиректно може да ја блокира работата на ALDH2. Но, кверцетинот е проблематичен само кога се меша со алкохол, велат научниците кои ги објавија резултатите од студијата во списанието Scientific Reports.

Ова соединение го има и во многу други видови на овошје и зеленчук, а го има и како додаток бидејќи има антиинфламаторно дејство и само по себе не предизвикува главоболка. Истражувачите допрва треба да ја докажат оваа теорија кај луѓето.

Едноставно испитување може да се спроведе со давање на волонтери склони кон главоболки од црвено вино додаток на кверцетин или плацебо со чаша вотка.

„Конечно сме на вистинскиот пат да ја објасниме оваа илјадагодишна мистерија. Следниот чекор е научно тестирање на луѓе кои ги доживуваат овие главоболки“, рече еден од авторите на студијата, професор на Универзитетот во Калифорнија и невролог – Морис Левин.

Поврзани вести

Често пиете пиво? Еве како ви го УНИШТУВА ИМУНИТЕТОТ!

Radmila Tasevska

Како зачинетата храна влијае на нашето тело?

Radmila Tasevska

Не го одложувајте алармот на будилникот, туку веднаш станете, еве и зошто

Urednik