Светот на музиката остана посиромашен за еден од најпрепознатливите гласови на рок и блуз сцената. Британскиот кантавтор и гитарист Крис Риа, чија песна „Driving Home For Christmas“ стана глобален саундтрак на празничната сезона, почина на 74-годишна возраст. Тажната вест ја потврди портпаролот на неговото семејство.
На музичарот претходно му бил дијагностициран со рак на панкреасот и му бил отстранет панкреасот во 2001 година.
– Со огромна тага ја објавуваме смртта на нашиот сакан Крис. Тој почина мирно во болница по кратко боледување, опкружен со своето семејство – се вели во соопштението за медиумите објавено во име на неговата сопруга и двете ќерки.
Кристофер Антон Реа е роден на 4 март 1951 година во Мидлсбро, од татко Италијанец и мајка Иркинка. Тој пораснал со семејниот бизнис со сладолед, но неговата вистинска страст од најраните денови била музиката, особено звукот на слајд гитарата инспириран од делта блузот. Кариерата ја започнал во седумдесеттите години и го постигнал својот прв голем успех преку Атлантикот. Синглот „Fool (If You Think It’s Over)“ од деби албумот „Whatever Happened to Benny Santini?“ од 1978 година станал голем хит во Соединетите Американски Држави, каде што достигна 12-то место на топ-листата „Билборд Хот 100“ и му донесе номинација за наградата „Греми“ во категоријата најдобар нов изведувач.
Зад себе ги остави незаборавните хитови како „Driving Home for Christmas“, „Fool (If You Think It’s Over), „Let’s Dance“ и „The Road To Hell“.
