СТАНДАРД life
Фото: Приватна архива
МК Сцена

Новогодишно интервју со Павле Камилоски: Во 2026 година сè што барам од Бога е здравје и да останеме сите заедно на број

Најголемиот џентлмен на македонската музичка сцена е секако Павле Камилоски, кој со својата харизма, препознатлив глас и уникатната способност да ја спои класиката со современиот музички звук, веќе со децении, со секој свој нов музички проект ѝ подарува на публиката музичка магија.

А, токму благодарение на Камилоски, Битола оваа година ќе блесне во вистинска празнична магија. На 26 декември, со почеток во 20 часот, во Центарот за култура Битола ќе се одржи традиционалниот предновогодишен концерт на Павле Камилоски.

Во духот на празничниот период и предновогишниот концерт во оваа интервју со Камилоски зборуваме на повеќе теми, како професионални, така и приватни.

Фото: Приватна архива

На 26 декември ќе го одржите традиционалниот предновогодишен концерт, но годинава за првпат во Центарот за култура во Битола. Што ќе ѝ подарите на публиката на овој концерт?

– Токму така, во Битола. Долго време имав желба мојот музички проект да го претставам и надвор од Скопје, а овојпат и за првпат со многу љубов пред почитуваната битолска публика. Покрај безвременските предновогодишни хитови и светските евергрини кои совршено се вклопуваат во овој период од годината, ќе бидат вклучени и дел од моите авторски песни.

Концертот ќе биде во празничен дух, па следствено на тоа може ли да ни откриете каков репертоар подготвивте и дали ќе имате некои изненадувања на сцената заедно со Вас?

– Ако ви го откријам целиот репертоар, ќе го скратам задоволството од изненадувањето. Сепак, можам да ветам дека публиката ќе ужива во музички колаж кој го подготвував со многу внимание и љубов, верувајќи дека секоја мелодија ќе го најде патот до нивните срца.

Фото: Приватна архива

Како и секогаш, и годинава сте полни со ангажмани, а воедно го подготвивте и видеозаписот за новата песна „Иде Нова година“, со која го донесовте празничкиот дух директно до гледачите. Може ли да ни раскажете повеќе за овој музички проект?

– „Иде Нова Година“ е проект на кој неизмерно му се радувам. Секој пат кога ја слушам и гледам ми прави радост во душата. Целта беше токму таа да ја донесе и да ја разбуди предновогодишната магија во секој еден од нас, љубовта и искрената радост што ја носи овој посебен период од годината.

Песната беше создадена и пуштена во етерот минатата година, додека оваа година решив да ја крунисам со видеозапис. Песната е создадена од моите драги пријатели и соработници Дамир Пух и Наташа Миха, додека текстот го напиша Ксенија Николова. Што се однесува до видеозаписот, за него беше задолжен Александар Ристовски Принц.

Фото: Приватна архива

Татко сте на две деца. Покрај Јосиф, пред девет месеци во Вашето семејство пристигна и Лена, па како излегувате на крај со сите професионални и домашни обврски?

– Искрено, понекогаш се прашувам и самиот себе. Животот со две мали деца знае да биде малку хаотичен, но тоа е најубавиот хаос на светот! Со многу љубов, голем труд и трпение успеваме со Ирина да излеземе на крај со обврските околу децата и домот. Што се однесува до професионалните обврски, настојувам да бидам максимално посветен и да ги завршувам најдобро што можам, но во исто време учам да бидам флексибилен и да најдам здрав баланс помеѓу сцената и домот. На крајот, сѐ се сведува на приоритети. Семејството е мојот најголем приоритет и моја најсилна мотивација.

Сигурно веќе и во Вашиот дом владее претпразнично расположение? Ја накитивте ли елката, кој е задолжен за украсувањето и кој најмногу му се радува на тоа?

– Таа чест ѝ припаѓа на Ирина, таа е „главниот уметник“ задолжен за празничната магија во нашиот дом. Сите подеднакво уживаме во секој детаљ: од сјајот на сијаличките и шарените лампиони, па сè до карактеристичната црвена панделка која гордо стои на самиот врв од елката.

Која Нова година Ви оставила најголем впечаток и спомени, која била најдобра и успешна за Вас, низ годините?

– Секоја година ми носела своја тежина и своја убавина, не би можел да издвојам само една. Некои моменти ги славиме како триумфи, додека други ни служат како неопходни лекции. Токму тој баланс помеѓу успехот и учењето ја прави секоја година подеднакво важна.

Фото: Приватна архива

Нова година или Божиќ? Кој празник е позначаен за Вас и за Вашето семејство?

– Двата празника ги чувствувам со ист интензитет, но на различен начин. Новата година за мене е симбол на нова енергија и свеж почеток, време кога со возбуда ги кројам плановите и ги поставувам новите цели. Од друга страна, Божиќ е празникот кој ми ја грее душата. Неговата магија е во традиционалниот семеен ручек, богатата трпеза и оној неопислив спокој што доаѓа со искрените насмевки на најблиските.

Што очекувате и што ќе „побарате“ од Дедо Мраз за 2026 година? И што сакате да оставите зад себе во 2025?

– Бескрајно сум благодарен за сите досегашни успеси и исполнети желби. Сè што барам од Бога е здравје и да останеме сите заедно на број, тоа е најголемиот благослов. Во старата година би сакал да ги оставам само тешките предизвици и грижи, носејќи ги со себе само научените лекции во новата етапа од животот.

Фото: Приватна архива

Поврзани вести

📸Најдобриот „Д Фестивал“ досега со спектакуларни концерти и атрактивна придружна програма

Urednik

📽Тино Брзи ја објави својата нова песна

Urednik

Интервју со др.Пеев: Жените повеќе се заинтересирани за естетска хирургија, но се повеќе мажи доаѓаат за разубавување

Urednik