СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Битиќи и Тунџев го промовираа новиот Национален Геопортал

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, денес, на прес конференција го промовираа новиот на Национален Геопортал на просторни податоци, којшто од неодамна е пуштен во функција.

Вицепремиерот Битиќи, којшто е и претседател на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци, посочи дека новиот Геопортал е дел од иницијативата на Владата на Република Северна Македонија за зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до гео-просторните податоци до сите граѓани и стопанството.

„Токму затоа се ставаат на располагање податоците од НИПП гео-порталот, да може да ги користат државните органи, стопанството и граѓаните. Со еден клик на НИПП гео-порталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци”, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека во текот на пандемијата, НИПП Геопорталот на многу корисници им овозможува „on-line” пристап до гео-просторните податоци од нивните домови.

„Дигитализацијата е иднината на светот, а со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик, им овозможуваме на граѓаните, бизнисите, на државните институции, да пристапат до мноштво гео просторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес”, нагласи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, кои се носители на работата на Националната инфраструктура на просторни податоци, подвлече дека новиот Национален Геопортал овозможува брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена.

„При креирањето на финалното софтверско решение за НИПП гео-порталот се земени во предвид неколку аспекти како што се производите, корисниците, административните аспекти, бизнис аспектите, стратешките цели, но и одредени визии и концепти за тоа како системот во иднина треба да функционира. Од системски аспект НИПП гео-порталот ги интегрираа просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде истите се достапни за користење до сите корисници во и вон Република Северна Македонија. НИПП порталот е веб-базирано решение на кое се објавени просторните податоци и услуги. Податоците и услугите на порталот можат да се пронајдат, да се прегледаат и да се преземат од страна на корисниците”, кажа директорот Тунџев.

Националниот Геопортал содржи повеќе компоненти: апликација за пребарување, каталог на метаподатоци со алатка за креирање на метаподатоци, апликација за прегледување на мапи односно ГИС прегледник, регистри, административен модул и основен модул за е-комерцијални услуги.

Во моментов на Националниот Геопортал се објавени 161 мета податоци и 79 веб сервиси кои се однесуваат на 82 видови на просторни податоци објавени од страна на 5 институции (АКН, МЗШВС, ЦУК, УЗКН и АПП), што покажува дека гео-порталот е во напредна фаза, но сеуште има потреба од негово континуирано надополнување со нови податоци.

Промоцијата на новиот Национален Геопортал се случува во денот на Националната инфраструктура на просторни податоци, а по тој повод се одржува и втората конференција на НИПП, преку видео конференциска врска, на која свое воведно обраќање имаа вицепремиерот Битиќи и директорот Тунџев.

Поврзани вести

Следува „Викенд без ДДВ“: Повратот на целиот платен ДДВ ќе биде вратен на сметките на граѓаните

Берта Китинска

Извозот бележи пад од 24 проценти во однос на истиот период од претходната година

РКЕ го одобри новиот ценовник, 26 отсто поевтин приклучок за електрична енергија

msp-admin