Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО) стана асоцијативен член на европската асоцијација „Јуропекс“ (Europex). МЕМО стана 29-ти член на асоцијацијата што ги интегрира интересите и го трасира развојот на организираните пазари на електрична енергија и на природен гас во европските држави. Со асоцијативното членство МЕМО доби право да учествува во сите работни групи на оваа непрофитна организација, информираат од АД МЕПСО.
МЕМО, согласно со законот за енергетика, е Оператор што управува со пазарот на електрична енергија. Започна со работа на 1 октомври годинава и е во целосна сопственост на АД МЕПСО.
МЕМО, посочуваат од АД МЕПСО, е активно вклучен во процесите за интеграција на пазарите на електрична енергија во регионот на Западен Балкан (WB 6) преку низа проекти кои водат кон воспоставување организиран пазар на електрична енергија.
-Еден од тековните проекти и активности на МЕМО е отворениот процес за назначување за Оператор на организираниот пазар на електрична енергија во корелација со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), по чие завршување се очекува МЕМО да добие овластување да воспостави берза на електрична енергија во Република Северна Македонија и таа да може да се поврзе со берзите за електрична енергија од соседните држави, нагласуваат од АД МЕПСО.