Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека на Германија и е потребен гасоводот „Северен тек 2“ од Русија со цел да ги задоволи своите потреби за енергија за време на преминот од традиционални во обновливи извори на енергија.
– Веќе имаме „Северен тек 1“, кој пренесува 55 милијарди кубни метри гас од Русија до провинцијата Мекленбург-Померанија. И ни треба уште еден гасовод – рече тој и додаде: „И ние треба да се запрашаме: каде ќе го најдеме?“.
И единствената можност за тоа, според него, е руски гас бидејќи американскиот гас е многу поскап, пренесува ТАСС.
„Ми се чини дека тука има премногу идеологија“, рече Шредер.
Тој истакна дека проектот „Северен тек 2“ не треба да биде поврзан со Алексеј Навални.
„Зошто е воспоставена поврзаност помеѓу неповрзани прашања? Што е заедничко за „Северен тек 2“ и случајот „Навални“? – праша тој и додаде дека ваквиот пристап е грешка.