СТАНДАРД life
МК Сцена

Флипбук Филм Фестивал од 7-ми до 10-ти август во Кинотеката на Македонија

Шестото издание на Флипбук Филм Фестивал ќе се одржи од 7-ми до 10-ти август годинава во Кинотеката на Македонија и ќе прикаже 110 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.

Во главната селекција ќе бидат прикажани наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу останатите и филмот „Хурикан“ на чешкиот автор Јан Саска, добитник на награди на Санденс, Анеси, Мелбурн, Лондон, „Вљубениот Кафка“ на Зане Оборенко, „Психонаути“ и „Како“ на хрватите Нико Радаш и Марко Мештровиќ, и филмови од полска, шведска, белгијска, руска, грчка, француска продукција.

Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, наградуваните германско-ирански “Крушова градина”, француско-британскиот „Интермисија“. Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои наградуваниот „Саарвокадо“ на Виктор Ороско Рамирез, данскиот „Визуелизација на пресек“, францускиот „Мојот тинејџ блекаут“ прикажан во Отава и Клермон Феран итн.

На отворањето на фестивалот специјална проекција и домашна премиера ќе има филмот „Неми филмови“ на нашиот автор Крсте Господиновски, кој годинава во мај имаше премиера на Анеси и веќе освои неколку награди на филмските фестивали. Изненадување е годинава и бројот и квалитетот на пристигнати македонски анимирани филмови на отворениот повик на фестивалот.

Во студентската селекција ќе бидат прикажани „Изгубено-најдено“ на Диме Ѓорѓиевски и „Мајчин инстинкт“ на Ема Зафировска, а во селекцијата на анимирани музички видеа ќе бидат прикажани „Еден ден“ на Ѓорѓе Јовановиќ и Александар Јосифовски и „Приспивна“ на Никола Радуловиќ.

Во европската панорама ќе бидат прикажани вкупно 31 филм, од кои 5 македонски: „Бла бла“ на Кристина Даниловска, „Последната светулка“ на Димитар Аризанов, „Желба“ на Ирена Поповска, „Дневникот на заведениот“ на Сашко Илов и Цеци Темкова, „Рега га е“ на Ивица Сирановиќ и „17 часот“ на Фјака Коколи.

Во рамките на фестивалот ќе бидат реализирани и изложби и работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Калиграфи на филмското писмо“ на нашиот филмски критичар Влатко Галевски, издание на Флип Бук Букс, и книгата „Штрих и стих“, издание на познатиот во светот на анимираниот филм „Компот колектив“ чии основачи Весела Данчева и Иван Богданов се дел од овогодинешното жири.

Во жирито годинава членови ќе бидат и директорите на филмскиот фестивал Анимест од Букурешт, Лиџа Соаре и Михаи Митрица и наградуваните српски автори на анимиран филм Никола Мајдак и Ана Недељковиќ. Годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Кинотеката и организацијата Еко Свест која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема.

Поврзани вести

Флипбук Филм Фестивал 2024: Најдобар филм во главната селекција за „Три птици“ на Зарја Менарт

Urednik

ТИ, ЖЕНО, НЕ МОЖЕШ БЕЗ СЕКС! Боки 13 ја нападна Александра Младеновиќ во живо во емисија

Urednik

Режисерката Тамара Котевска во друштво на Амал Клуни во Венеција

Radmila Tasevska