Филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски продолжува со успешниот фестивалски живот и на 17 август ќе биде прикажан на Сараево филм фестивал, најважниот фестивал во регионот, во програмата „Open Air“. Дел од филмската екипа на „Кајмак“ ќе продефилира на црвениот килим на 29-то издание на фестивалот.
Со првокласна филмска понуда, дури и за најпребирливите филмофили, програмата „Open Air“ ќе се одржи под отворено небо во Стари Град (Вијеќница), а филмовите, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани на најголемото филмско платно во регионот. Покрај најновото дело на Манчевски во програмата се уште 14 филмови, помеѓу кои и „Астероид Сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, една од највозбудливите авторки во независната кинематографија, која ќе го добие почесното признание „Срце на Сараево“.
Манчевски е стар пријател на Сараевскиот фестивал – „Пред дождот“ играше на првото издание во ноември 1995 и Манчевски присуствуваше на проекцијата додека Сараево уште беше под опсада! Потоа, тој самиот ги собра членовите на бордот на почесни директори на фестивалот Ингмар Бергман, Мартин Скорсезе, Милош Форман, Нагиса Ошима и Ричард Гир.
Паралелно, „Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот Синеквест во Калифорнија од 15 до 30 август. Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Токму на Синеквест пред 3 години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата Најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“.
До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири фестивали:
36. Филмски фестивал во Херцег Нови, каде на покана на фестивалот ќе присуствува дел од филмската екипа.
„Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.
i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски.
Главната конкуренција на фестивалот Балкан панорама во Измир, Турција.
Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.
Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.
„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.
Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.