Креативна поставка „Илузиум „Кој ти е филмот?”, која беше поставена во срцето на Битола, во КЦ Магаза, не понесе во сопствениот филм и ја поттикна фантазијата, ја нахрани интелегенцијата, ја раскажа историјата и ја меморира сегашноста.
„Големата книга 45 години Фестивал на филмска камера Браќа Манаки” беше еден од елементите кој го привлече внимението на домашните и странските гости на фестивалот и на локалната заедница. Книгата претставува уникатно издание кое ги обединува 45 години од историјата, уметничкиот развој и трансформацијата на најстариот фестивал на филмска камера во светот. Од неговите почетоци во 1979 година, па сè до денес, фестивалот прерасна во симбол на креативност, култура и филмско мајсторство, а оваа книга е сведоштво за тој пат. Книгата содржи визуелни материјали и дигитализирани постери, кои ја следат еволуцијата на фестивалот од првите „Манакиеви средби” до денешната меѓународна платформа за професионалци зад филмската камера. Со историска вредност, ова дело е вистинско богатство за љубителите на филмската уметност, архивски истражувачи и сите оние кои сакаат да дознаат повеќе за развојот на меѓународнатата филмска сцена.
Изданието е двојазично и вклучува ексклузивни факти осознеени преку интервјуа со луѓе кои живеат со фестивалот, архивите на фестивалот и низа други алтернативни извори на информаци. Овие приказни не се достапни никаде на друго место, што ја прави книгата вистинска реткост за истражување на фестивалската историја.
„Големата книга за фестивалот Браќа Манаки” веќе беше изложена во Центарот за култура во Битола и во Културниот Центар Магаза, каде што гостите, и домашни и странски, беа воодушевени од содржината и уникатноста на приказната што ја раскажува. Оваа книга во иднина ќе добие форма до која едноставно ќе пристапат сите оние кои немаа можност да ја видат.
Во рамките на програмата „На кино па Олабај” реализиравме Промоција на фотомонографијата „Костимот во Македонија” на авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ; изложба на фотографии, графики и видео-арт, авторски проект на Игор Трајковски – Фоја: „Елисиски ехо: Поезијата на меморијата на слободата”; работилници за изработка на накит „Хаотични шармантни креации” под менторство на младата дизајнерка Сташа Божиновска, мотивациска изложба „Биди малку смела” на Ангела Христовска; креативни уметнички работилници со уметницата Буба Солак и циклус филмски работилници за млади „Наследниците на Манаки” менторирани од режисерката Марија Џиџева и кинематограферот Димо Попов.
Во рамките на програмата, во соработка со Божиновски фондација и ОХО продукција, организиравме премиерно прикажување на документарниот филм „Патување пеш”, најновото дело на режисерката Тамара Котевска, кое ни отвори прозорец кон длабоките прашања за човековото патување – и буквално, и метафорично.
Програмата „На кино па Олабај” е дел од проектот „Олабај” во реализација на АРТАКТ – Битола, поддржан од Министерство за култура и туризам и локалната бизнис заедница, а има за цел да ги поврзи меѓународните фестивали во Битола со локалната заедница