Режисерот и продуцент, добитник на Оскар, страствен активист, визионерски коосновач на фестивалот Санденс, Роберт Редфорд почина на 89-годишна возраст. Веста за неговата смрт го потресе филмскиот свет, а социјалните мрежи и медиумите беа преплавени со емотивни пораки од колеги, пријатели и обожаватели. Меѓу нив беше и Барбара Стрејсенд
Стрејсенд беше партнерка на Редфорд во култниот филм „The Way We Were“. Нивната безвременска романса на екранот стана класика, која засекогаш остана во срцата на публиката.
Актерката се потсети на моментите што ги споделија во емотивен пост. Долго време се шпекулираше дека не се сложувале на снимањето, но таа тврди поинаку.
„Секој ден на снимањето на „The Way We Were“ беше возбудлив, интензивен и чиста радост. Бевме толку спротивни: тој беше од светот на коњите; јас бев алергична на нив! Но, постојано се обидувавме да дознаеме повеќе еден за друг, исто како ликовите во филмот.“ Боб беше харизматичен, интелигентен, интензивен, секогаш интересен – и еден од најдобрите актери на сите времиња“, сподели Стрејсенд во вторникот на социјалните мрежи.
„Последниот пат кога го видов, кога дојде на ручек, разговаравме за уметност и решивме да си ги испратиме првите цртежи. Тој беше уникатен и многу сум благодарна што имав можност да работам со него“, додаде Стрејсенд.
Патем, Редфорд наводно го сметал сценариото за филмот „The Way We Were“ за „ѓубре“ и се согласил за улогата дури кога продуцентите му ја зголемиле платата на 1,2 милиони долари.
Роберт Хофлер, кој напиша книга за креативните турбуленции за време на создавањето на филмот, рече: „Роберт Редфорд навистина не сакаше да глуми во овој филм. Тој го одбиваше неколкупати во текот на осум месеци. Мислеше дека тој е погоден за Барбара Стрејсенд, а неговиот лик беше само „кукла Кен“, убаво лице без суштина.“