Газа во последните 20 години беше затвор на отворено, а сега брзо се претвора во масовна гробница, изјави американската актерка и поранешна амбасадорка на добра волја на ОН.
Американската актерка и поранешна амбасадорка на добра волја на Обединетите нации, Анџелина Џоли, реагираше на нападот на Израел врз бегалскиот камп Џабалија во Газа и повика на прекин на огнот.
Таа на својот Инстаграм профил сподели фотографии од бегалскиот камп по нападот, пренесе Анадолија.
„Ова е намерен напад на заробена заедница која нема каде да бега“, напиша Џоли.
„Газа е затвор на отворено“
Таа подвлече дека Газа е затвор на отворено во последните 20 години и дека денес брзо се претвора во масовна гробница.
View this post on Instagram
„Додека светот гледа и со активна поддршка од многу земји, милиони палестински цивили масовно се казнуваат и обезличуваат додека им се ускратува храна, лекови и хуманитарна помош што го крши меѓународното право“, рече Џоли.
Таа повика и на прекин на огнот.
„Со одбивањето на барањата за хуманитарен прекин на огнот и спречувањето на Советот за безбедност на ОН да наметне прекин на огнот на двете страни, светските лидери се соучесници во овие злосторства“, рече Џоли.
Израел го бомбардираше бегалскиот камп Џабалија на северот од Појасот Газа двапати за помалку од 24 часа. Официјални лица во Газа соопштија дека 195 лица се убиени, а 120 исчезнати во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија, за кои ОН велат дека би можеле да бидат „несразмерни напади кои можат да претставуваат воени злосторства“.