Манеката Бела Хадид за првпат јавно проговори за конфликтот меѓу Израел и Хамас, пишувајќи дека во Газа постои итна хуманитарна криза на која мора да се одговори.
Таа се огласи две недели откако нејзината сестра Џиџи Хадид коментираше на истата тема. Семејството на познатите манекенки добило смртни закани.
Бела нагласи дека во Газа има итна хуманитарна криза, дека на семејствата им треба пристап до храна и вода, а на болниците им е потребно гориво за генераторите на енергија, средства за ранетите и одржување на луѓето во живот.
„Допрва треба да ги најдам вистинските зборови за овие длабоко комплицирани и вознемирувачки последни две недели, недели кои повторно го фокусираа вниманието на светот на ситуација која одзема невини животи и ќе влијае на семејствата со децении. Имам многу да кажам, но за денес ќе бидам кратка“, започна манекенката.
Таа се осврна на заканите: „Добивав стотици смртни закани секој ден, мојот телефонски број протече, а моето семејство почувствува дека е во опасност“.
View this post on Instagram
Ќерката на палестинскиот бизнисмен Мохамед Хадид и данско-американската манекенка Јоланда Хадид потоа порача:
„Но, не можам повеќе да молчам, стравот не е опција. На луѓето, на децата во Палестина – особено во Газа, не им треба нашиот молк. Не сме ние храбри, тие се“.
Таа изрази сочувство до сите мајки кои ги загубија своите деца, до сите оние кои ги загубија членовите на семејството, сочувство до жртвите и нивните семејства во Газа и Израел.
Бела Хадид истакна дека „сите мора да застанеме заедно во изборот на човечност и сочувство и да бараме нашите лидери да го сторат истото“.
„Сите религии се мир – владите се тие кои се корумпирани и конфликтни“, напиша таа, додавајќи дека овие две последни работи го сочинуваат најголемиот грев. „Ние сме едно и Бог ги создаде сите еднакви. Сите крвопролевања, солзи и жртви треба да се оплакуваат со иста почит“, заклучи таа.