Легендарниот музичар Ози Озборн почина пред два дена на 76-годишна возраст. Веста за смртта на фронтменот на Black Sabbath ги шокираше обожавателите ширум светот, а неговата ќерка Кели Озборн се огласи на социјалните мрежи со емотивна порака.
Кели сподели стих од песната „Changes“, која ја отпеа со својот татко во 2003 година.
„Се чувствувам толку мизерно, толку тажно. Го изгубив најдобриот пријател што некогаш сум го имала“, напиша таа.
Песната „Changes“ првично беше објавена во 1972 година, а Ози ја напиша со членовите на Black Sabbath. Повеќе од три децении подоцна, тој и Кели снимија верзија со променет текст, која брзо ја освои публиката.
Озборн остава зад себе големо семејство. Тој има три деца со поранешната сопруга Телма Рајли – Џесика, Луис и посвоениот Елиот, додека со сопругата Шерон Озборн имаше три деца: Ејми, Кели и Џек.
Во официјалното соопштение на семејството се вели: „Со поголема тага отколку што можат да изразат зборовите, мораме да објавиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утрово. Тој беше опкружен со семејство и љубов. Ве молиме сите да ја почитувате нашата приватност во ова тешко време.“
Само две недели пред неговата смрт, Озборн одржа проштален концерт со бендот Black Sabbath во неговиот роден Бирмингем, со присуство на големи имиња како што се Metallica и Guns N’ Roses. На истиот настан, ќерката Кели беше запросена зад сцената од нејзиниот партнер Сид Вилсон, член на групата Slipknot, што му даде на концертот дополнителна емотивна димензија.