Славниот турски актер, Џан Јаман, се најде во центарот на скандал откако беше приведен во Истанбул како дел од истрагата за употреба на дрога од страна на познати личности од уметничката и општествената сфера. Операцијата, предводена од Генералното обвинителство на Истанбул, опфатила истовремени претреси на неколку ноќни клубови и локации популарни кај ВИП личности.
Според турските медиуми, Џан Јаман, кој последен пат го играше Сандокан во истоимената серија, ја поминал ноќта во полициски притвор и бил префрлен во Институтот за судска медицина за дополнителни тестови. Полицијата, по наредба на обвинителот, извршила рација во девет ноќни клубови во Истанбул по полноќ.
Сопствениците и управителите на тие објекти, како и лицата поврзани со пронајдената дрога, биле приведени. Се дознало дека постоела дојава и изјава во која се тврди дека Џан Јаман користел дрога.
Актерот бил затекнат во една од просториите што полицијата ги претресла во текот на интервенцијата. Освен него, приведени се и Селен Ѓорѓузел, Ајше Саглам и Черен Алпер. Јаман бил ослободен откако дал исказ. Наводно, во наредните денови имал обврски во Италија, земјата каде што ја развива својата кариера откако се преселил во Рим во 2021 година.
Јаман е роден на 8 ноември 1989 година во Истанбул, Турција. Неговиот дедо по татко е имигрант од Косово. Неговата баба по татко е имигрант од Македонија.
