СТАНДАРД life
ТЕХНОЛОГИЈА

Brainster креираше бесплатна дигитална алатка за кариерно насочување

Дигиталната алатка за кариерно советување на Brainster од денес е достапна за користење. Ова е мошне корисна алатка која може секој бесплатно да ја користи и е одличен прв чекор во потрагата по вистинската професија. Она што ја прави важна во поширок контекст е дека ја истакнува потребатата да се посвети повеќе време на кариерно истражување и советување.

Во основа на градењето на оваа алатка се податоците до кои Brainster дојде преку 5000 интервјуа со студенти кои посетиле академија или обука во компанијата. Она што е очигледно и може да се извади како заклучок од спроведените интервјуа е дека младите луѓе не му придаваат соодветна важност на изборот на кариера, нешто што најчесто го разбираат прилично доцна. Оние пак кои биле свесни за важноста на изборот и биле подготвени да посветат време, мошне често немале со кого да се советуваат или не можеле да добијат релевантни информации за иднината на одредени професии, односно нивната перспектива.

„Повеќе од половината, односно над 60% доаѓаат кај нас за комплетна кариерна промена. Ова укажува на сериозен недостаток на време посветено на истражување на кариерните опции и перспективи, што резултира со години талкање и менување професии за да се најде онаа вистинската. Ова не е проблем само кај нас, туку и на глобално ниво. Според едно истражување објавено во британскиот Independent, 90% или 9 од 10 луѓе на возраст меѓу 21 и 65 години изјавиле дека чувствуваат дека можеби избрзале при изборот на кариера“, истакнува Петар Ниновски од Brainster.

Алатката која ја креираше Brainster, и на која може да и се пристапи на следниов ЛИНК, се состои од три дела. Првиот дел од тестот има 32 прашања од Open Jungian Type Scales тестот на личност, преку кои се одредува припадност на еден од 16-те типови дефинирани според оваа методологија. Вториот сет на прашања нуди препорака за дигитални вештини што би одговарале според афинитетите и персоналните карактеристики на оној што го прави тестот. Овој сет на прашања е изработен од тимот на Brainster врз основа на досегашното искуство и спроведените 5.000 интервјуа со студенти. Резултатите за овој дел од квизот се само препорака кои кариерни патеки во дигиталните вештини би требало да се земат предвид при изборот на идна кариера. По завршувањето на сите прашања се добива детален персонализиран резултат со голем број информации кои можат многу да помогнат при изборот на кариера и тип на работна средина.

„Алатката е достапна за бесплатно користење за сите, забавна е лесна за пополнување. Таа е одлчен патоказ за избор на кариера на било која возраст. Но, мојата порака денес е особено насочена кон младите – пробајте ја и дознајте повеќе за себеси. За да ја откриете што порано својата мисија во животот, да имате повеќе време да напредувате во одбраната кариера и секако она што е најважно – да бидете среќни со тоа што го работите“, дополнува Ниновски.

Поврзани вести

Како вашиот смартфон ве шпионира? Сноуден објаснува! (ВИДЕО)

msp-admin

Инстаграм воведе ознакa за лажни вести

msp-admin

Роботите на „Boston Dynamics“ со танц ја испратија 2020-та (ВИДЕО)

Влатко Зорба