Научници предупредуваат дека жените со вишок телесни масти имаат 30% поголем ризик од развој на рак на дојка во споредба со жените кои се послаби, покажа нова голема студија.
Студијата анализирала здравствена состојба на 168.547 жени во постменопауза, а резултатите јасно ја поврзале прекумерната телесна тежина со зголемен ризик од болеста.
Ризикот бил уште поголем кај жените со срцеви заболувања. Имено, за секои дополнителни 5 кг/м² телесна маса (ИТМ), жените со срцеви заболувања имале 31% поголем ризик од рак на дојка. Кај жените без срцеви заболувања, истото зголемување на ИТМ го зголемило ризикот за 13%.
Пресметување на индексот на телесна маса
Индексот на телесна маса (ИТМ) се пресметува со делење на тежината во килограми со квадратот на висината во метри и се користи низ целиот свет за да се процени дали некое лице е неухрането, со здрава тежина, со прекумерна тежина или е дебело. Се проценува дека комбинацијата од дебелина и срцеви заболувања предизвикува 153 дополнителни случаи на рак на дојка на 100.000 жени годишно во споредба со очекуваните бројки.
Интересно е што дијабетесот тип 2 не беше поврзан со зголемен ризик од рак на дојка, велат научниците од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), тело во рамките на Светската здравствена организација.
„Оваа студија треба да ги охрабри идните истражувања за вклучување на жени со кардиоваскуларни заболувања во програмите за слабеење за да се спречи рак на дојка“, рече д-р Хајнц Фрајслинг, водечки автор на студијата.
Резултатите сугерираат дека губењето на тежината може да го намали ризикот од рак на дојка кај жените, особено кај оние кои веќе имаат проблеми со срцето и крвните садови. Претходните истражувања покажаа дека масното ткиво произведува вишок естроген, хормон кој, на покачени нивоа, може да го зголеми ризикот од развој на рак на дојка.
Раните симптоми на рак на дојка може да вклучуваат:
* грутка во дојката
*оток под пазувата
*промена во големината или обликот на дојката
*исцедок од брадавицата
*превртена брадавица
*промена на кожата на дојката или црвенило
Дебелината кај жените кои преживеале рак на дојка го зголемува ризикот од смрт до 80%, а веројатноста за повторна појава на болеста до 70%, покажа данска студија претходно оваа година. Доколку продолжат сегашните трендови, може да има дури 3,2 милиони нови случаи на рак на дојка годишно во светот до 2050 година, додека бројот на смртни случаи може да достигне 1,1 милион.
Се предвидува дека смртните случаи од рак на дојка во Велика Британија ќе се зголемат за повеќе од 40% до 2050 година.