СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

ССК: Развоен фонд за изградба и одржување на индустриските зони

Дефицит на стручен кадар, недоволна понуда на локации за изградба на индустриски капацитети и инвестиции во постоечките индустриски зони, како и редовно усогласување на законските прописи како не би се јавувале нелогични толкувања, се трите главни приоритети кои треба системски да се решат со цел зголемување на конкурентноста на компаниите во индустрискиот сектор, беше истакнато на денешната прес конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Елаборирајќи ги трите предизвици,Трајан Ангелоски, член на Управен одбор,  Индустриска комора во Сојузот, со  водечка домашна компанија и со долгогодишно искуство во областа на машинството и индустријата посочи дека дефицитот за стручен кадар станува се поизразен, поаѓајќи од фактот што постои голема потреба и од ученици и од кадар за машинската и енергетска индустрија, а мал интерес за упис во средните стручни училишта.

„За голем број на компании, потребни се струки како машински техничари, бравари, водоинсталери, но и стручен кадар со високо образование, како  машински, електро, технолошки, хемиски и информатички инженери, лабораториски биоинженери. На пример,  само на територијата на општина Гази Баба, потребни се повеќе од 650 квалификувани работници од машинската и енергетската област за компаниите во оваа општина каде се лоцирани голем број индустриски капацитети. Соработката со универзитетите и компаниите треба да се издигне на уште повисоко ниво. Во изминатава година деловната заедница учествуваше во повеќе кампањи за промоција на уписот на ученици во средните стручни училишта, кон која кампања се приклучи и Владата. За да не останеме само на кампањи,   имаме конкретен предлог да се намалат квотите за запишување на ученици во гимназиите и другите општествени смерови, а 1/3 од вкупниот број на слободни места да бидат за средните стручни училишта. На овој начин Министерството за образование ќе ги насочи учениците во вистинскиот правец“, истакна Ангелоски. 

Деловната заедница смета дека понудата на локации за изградба на индустриски капаците и инвестиции во постоечките индустриски зони не е доволна.

„Вториот предизик со кој се соочуваат компаниите е како да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста на своето производство кое треба да придонесе за раст на извозот.  Освен во нова опрема и нови машини, потребно е  и простор за тоа да се направи,  така на пример не постојат доволен број на индустриски зони- локации за изградба на нови капацитети.  Наше барање е секој квартал, општините да нудат на продажба слободни локации за изграба. Сегашните цени на слободните локации се несразмерно високи споредено со нивото на економска развиеност на македонската економија. Дополнително не треба да се заборават постоечките индустриски зони, кои моментално се останати на ниво на кое биле пред половина век кога биле изградени.Бараме да се определи развоен фонд за изградба и одржување на индустриските зони“, рече Ангелоски.

Третиот предизвик е усогласување на Законските прописи со актуелните случувања во стопанството, со цел да не дојде до одредени ограничувања како во моментот што се случува со постоечкиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите.

„ Во овој домен би го навеле примерот согласно кој доколку изградите фотоволтаична централа со сите потребни дозволи и лиценци тогаш сте лишени од Финансиската поддршка за инвестиции според постоечкото толкување, бидејќи поседувате лиценца.  Поточно според Законот  поддршка не следува за оние компании кои работат со акцизни производи, имаат концесии или поседуваат лиценци. Така, доколку изградите фотоволтаична централа и на тој начин придонесете за почиста околина и оваа централа ја изградите според сите законски прописи Вие ќе добиете лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Со самото добивање на лиценца  ќе се елиминирате од можноста да ги користите законските поволности од Законот за финансиска поддршка. Значи со други збори тие што придонесуваат за почиста околина и помала потрошувачка на енергија ќе бидат казнети да не можат да ги користи поволностите од овој закон. Нашето барање во овој случај е да се воспостави квалитетен механизам за усогласување на сите вакви разлики помеѓу законите од економската сфера кои сме свесни дека ќе се јавуваат и во иднина“, појасни Ангелески.

Согласно податоците на ДЗС, индустриското производство во септември годинава во однос на истиот месец лани е зголемено за 6,1 отсто. Во однос, пак, на перидот јануари − септември лани растот изнесува 5,6 отсто.   Доколку сакаме да се приклучиме кон земјите со висок технички технолошки развој потребно е минималниот процент на раст да изнесува од 7 до 9 % на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од 5 до 10 години.

Поврзани вести

ЕИБ ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на С. Македонија

Влатко Зорба

Битиќи: Економијата во Македонија во 2020 година не е иста со економијата во 2008 или 2001 година

Исплатени субвенциите за лозарите

Влатко Зорба