СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ангеловска: „Дигитална Македонија“ или „Смарт Македонија“ е визијата каде ја гледаме земјата во следните години

Економијата е стабилна, а економскиот раст ги натфрла проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, кои на два пати беа покачени. Раст се забележува во сите сектори, а стапката на невработеност е на историски најниско ниво, порача министерката за финансии Нина Ангеловска на министерскиот панел на Форумот „Еуромани“, кој се одржува во Виена.

Таа нагласи дека добрите економски остварувања може да се забрзаат и да се оствари синергија преку дигитализацијата, која,како што посочи, носи поголема додадена вредност.

-„Дигитална Македонија“ или „Смарт Македонија“ е визијата каде ја гледаме земјата во следните години. Затоа работиме со стратешките партнери, како Светска банка, за да развиеме инфраструктура, вештини кај работната сила, за дигитализација во економијата, јавниот сектор и општеството во целина.Треба да ја внесеме технологијата во сите сектори каде што можеме: земјоделството, здравството, образованието и преку тоа да креираме синергија. Не само што сме посветени на овие процеси, туку и цврсто верувам дека можеме да ја намалиме сивата економија преку имплементирање на технологиите и да ја намалиме корупцијата, бидејќи компјутерите ја елиминираат можноста за пристрасност во одлучувањето. Со технологиите можеме да обезбедиме и поголема еднаквост и инклузивен раст, рече Ангеловска.

Посочи дека е-трговијата може да биде генератор на економски раст особено за малите отворени земји како нашата, да создаде нови работни места, да ги придвижи платите, да ја зголеми конкурентноста и да отвори нови можности за домашните компании.

-За да се постигне ова потребно е да се има капацитет, но и желба. Треба да се работи на зголемување на дигиталните вештини на населението, да се инвестира во човечкиот капитал кој е главен фактор за раст на секоја земја, рече Ангеловска.

Како добри примери во дигитализацијата ги наведе Естонија, еден од пионерите во дигитализацијата особено во полето на е-влада и јавните услуги и Израел, каде технолошкиот сектор има удел од 40 отсто од БДП.

Како мала земја, посочи, имаме потецијал и флексибилност за аплицирање на нови концепти и стратегиии како на пример „креативна економија“, односно концепт кој се базира на човечката креативност, идеите и интелектуалната сопственост, знаење и технологиите. -Треба да се размислува во оваа насока, бидејќи „креативната економија“ е онаа која креира додадена вредност, нови работни места, која создава можности за инклузија на маргинализирани категории, како жените, рече Ангеловска.

Поврзани вести

Царовска: Микрокомпаниите ќе може да подигнат кредит од три до пет илјади евра

Листата на најбогати Руси има нов лидер

Stefanija Kuzmanovska

Ангеловска: Фер и уставна одлуката на Владата за Колективен договор

Stefanija Kuzmanovska