Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во вечерашната емисија „Економски магазин“, на телевизијата Алсат-М, на која се соочи со дополнителниот заменик-министер, Цветан Трипуновски посочи дека од ВМРО-ДПМНЕ три години се барало да воведат зелена нафта и тоа го игнорирале.
– Во 2019 година ние ја воведовме мерката за зелена нафта и оваа година мерката продолжува со покривање на 50 отсто од трошоците, вели тој.
Димковски потенцираше дека се што беше ветено во изборната програма е преточено во владината програма, а паралелно се направиле неколку измени во програмите во комуникација и според потребите на земјоделците, при што веднаш од почетокот на мандатот се започна со реализација на мерките.
– Заедно со земјоделците ја креиравме мерката за рурална жена. Доделуваме финансиска поддршка за јакнење на позицијата на жената и нејзината економска активност. Воведовме поврат на персоналниот данок, претходно во време на ВМРО ДПМНЕ земјоделците беа ослободени до 300 илјади денари, ние го зголемивме прагот до 1 милион денари. Лани беше прва година кога се вратија милион и пол евра, и овие пари се вратија преку УЈП на 17.000 земјоделци на кои основна дејност им е земјоделството, изјави Димковски.
Тој му порача на Трипуновски да не манипулира со информациите за финансиската поддршката за жени земјоделки, бидејќи сите земјоделци кои ги исполнуваат условите за мерките за рурална жена и за млад земјоделец, ќе добијат финансиска поддршка.
– Имате тотално непознавање за Програмата за рурален развој кога велите дека за 3 жени ќе има помош. Знаете вие дека кога се објавува мерка од Програмата за рурален развој лоцирате буџетски средства во мерката бидејќи не знаете колку земјоделци ќе ви се пријават, колку договори ќе се потпишат. Така што за мерката за рурална жена, за млад земјоделец, се дадени индикативни средства за да се објави мерката. Јавниот повик за мерката за рурална жена е завршен, во тек е повикот за мерката за млади земјоделци, за што финансиската поддршка ја зголемивме од 10.000 на 20.000 евра. Тотално ги извртувате и информациите за повратот на персоналниот данок на доход за земјоделците, овие средства ги добиваат оние кои имаат исклучиво приходи од земјоделска дејност, вели тој.
Тој додаде и дека да се каже дека 2,5 милиони евра вратени кон земјоделците се ништо е чист популизам.
Министерот информираше дека 98% е завршен откупот на тутунот по висока откупна цена и дека во последните три години откупните цени се стабилни и зголемени, порачувајќи дека третманот кон оваа индустрија и кон тутунарите треба да е посериозен.
Трипуновски обвини дека се увезува ориентален тутун, но подоцна не знаеше конкретно да објасни кој е логичниот одговор зошто е проблем да се увезе тутун во случај кога домашниот тутн е 100% откупен, а има дефицит.