СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ќе се направи се што е потребно за непречен извоз, заклучија Царинската управа и извозниците

Што поитно да се ослободат коридорите за обезбедување непречено движење на репроматеријалите, суровините и готовите извозни производи, а за помош на стопанството, ако треба да се преземат и нестандардни мерки. Ова е пораката од работната средба на 20-те најголеми извозници во земјава со директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски што ја организираше Стопанската комора на Македонија.

Извозниците препорачаа, по примерот на кризниот штаб на државно ниво кој го координира справувањето со тековните состојби, да се формира и кризен економски комитет, во кој ќе бидат директно вклучени стопанственици од клучните индустрии, и на дневно ниво ќе се дејствува за справување со отворените прашања за непречено работење на стопанството.

-Стопанството е соочено со еден од најголемите предизвици и мора да се преземаат големи мерки, макар и нестандардни, за да се обезбеди непречено работење. Мора да се реагира брзо за поддршка на целиот приватен сектор, а не само на секторите кои досега се погодени. И покрај поединечните проблеми со кои се соочуваат сите чинители на домашната економија, потребно е да се најде заедничко решение како да се зачуваат работниците, кои стопанството и онака тешко ги наоѓа, и максимално да се помогне во вакви услови во кои владее неизвесност и страв помеѓу луѓето, наведува Комората, пренесувајќи ги заклучоците од средбата.

Дополнува и дека секојдневно треба да се следи ситуацијата и секојдневно да се доаѓа до нови решенија кои ќе одговараат на тековната ситуација, која се менува на дневно ниво. За одговор на овие предизвици мора да бидат ставени на располагање сите ресурси.

Извозниците ги поздравија напорите на Царинската Управа и ангажманот на нивните служби за да се овозможи максимален проток на стоките, како и активностите кои се преземаат за да се забрза и поедностави издавањето на посебните дозволи што ги издава Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Со овие мерки, сметаат, ќе се надминат констатираните застои во однос на обезбедувањето репроматеријали кои во моментот се особено изразени на граничните премини во Словенија и Хрватска, што го отежнува нивното оперативно работење, како и на проблемите за обезбедување непречено движење на возачите на товарни возила, односно исполнувањето на епидемиолошките услови што треба да се задоволат за возачите кои влегуваат и излегуваат од нашата држава и кои доаѓаат од кризните подрачја.

Истовремено, извозниците целосно ги поддржаа активностите на Царинската управа за воспоставување приоритетни коридори со земјите од ЦЕФТА регионот и апелираа што побрзо да бидат воспоставени зелениот коридор со приоритетни ленти за камионите со храна, репроматеријали за прехранбената индустрија, за медицинска опрема и материјали, но и посебни коридори за проток на стоки за сите други индустрии, а истовремено да се размислува и за максимално интензивирање на железничкиот превоз.

На средбата се дискутираше и за актуелните состојби во автомобилската индустрија, каде како резултат на затворањето на погоните ширум Европа и намалувањето на нарачките, најавено е застанување со производството на голем дел од капацитетите во нашата земја.

Поврзани вести

МФ: Со нови 180 милиони евра ќе се надмине ковид-кризата

Влатко Зорба

Додека целиот свет е во долгови, тој се богати: Маск веќе тежи 74 милијарди долари, за трипати го зголемил богатството од март

Stefanija Kuzmanovska

Ако докажат дека ќе се греат поефикасно, граѓаните ќе може да се исклучат од системот за парно