СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Државата ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите, ако не се извезе јагнето во целост

Министерството за земјоделство бара алтернативни пазари за извоз на македонското јагне со оглед на ситуацијата во Италија поради коронавирусот. Направени ќе бидат сите можни обиди за пласман, но доколку тие во целост не се реализираат, државата ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите.

Одгледувачите на овци предупредуваат дека извозниот шпиц е за околу десетина дена. Тие, како што велат, мора навреме да бидат информирани што планира да преземе Владата за извоз на јагнето. Брзо да се делува е битно и за откупувачите, бидејќи тие не можат за два дена да ги заколат и подготват јагнињата за транспорт.

Традиционално, најголем дел од пласманот на македонското јагне се реализира во Италија, но поради вирусот КОВИД-19 тоа засега е неизвесно.

-Со оглед на случувањата во Италија со вирусот корона, доколку не може во оваа земја да се направи извоз, веќе разговараме и сме во комуникација со компаниите за барање алтернативни пазари за македонското јагне. Нашата намера како ресорно Министерство е јагнето да биде извезено и ќе ги направиме сите обиди доколку не може во Италија, да се извезе во други земји. Транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Но, со оглед на тоа дека не можеме да предвидиме што ќе се случува со ширењето на вирусот корона, какви мерки ќе преземаат останатите држави, доколку се случи да не се реализира целосно извозот, МЗШВ со соодвтени мерки ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите, кои секако ќе бидат донесени заеднички и во комуникација со сточарите и откупувачите на јагне, наведува МЗШВ.

Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, коронавирусот нема да го доведе во прашање извозот на македонското јагне во Италија ако навреме се обезбедат услови за соодветен пласман. Шаклев за МИА изјави дека во ваква невообичаена ситуација, битно е да се делува брзо, надлежните да кажат навреме на кој начин ќе се реализира извозот и за тоа да ги известат производителите и трговците.

Шаклев оценува дека воопшто не е намален интересот за увоз на македонско јагне од италијанска страна, и покрај ситуацијата со КОВИД-19. Но, треба добро да се проанализираат условите како тоа ќе се спроведе зашто, веројатно, трошоците за пласман ќе се зголемат.

-Земјоделците сега, во новонастанатата ситуација со коронавирусот, најмногу ги засега јагнето. Најголеми количини извезуваме во Италија. Во овој момент, не е проблем да се најдат трговци, туку транспортери зашто никој не сака да се нафати да вози за Италија, ќе треба потоа да оди во карантин. Но, ако се земат предвид најновите владини мерки кои се однесуваат и на возачите на камиони и ако се воведе тој посебен режим за нив, работата би се олеснила. Како и да е, ова мора итно да се реши. Извозот веќе интензивно требаше да почне, зашто остануваат уште 10 до 15 дена до извозниот шпиц, истакна Шаклев.

Во просек, земјава секоја година извезува по околу 200.000 јагниња годишно за Италија. Втори, но далеку помали пазари се Хрватска и Грција. Вообичаено шпицот на пласманот е пред или за време на велигденските празници.

Поврзани вести

Најбогатиот Македонец лани заработил 3,5 милиони евра

Берта Китинска

Анѓушев: Сега е вистинско време за инвестиции во Северна Македонија

msp-admin

Која професија ќе биде најбарана по пандемијата

Stefanija Kuzmanovska