„Една целна група граѓани во нашата програма е и тоа како важна, а тоа се пензионерите. Ние остануваме во доменот на тоа што сме го ветиле и претходно, ќе одиме на дефинирање на минимална пензија. Намалување на разликата којашто постои помеѓу најниската и највисоката скала на пензии во државата затоа што сметаме со тоа ќе направиме правична и еднаква распределба на средствата кај одредената група на пензионери и ќе продолжиме со една поспецифична стратегија а тоа е да продолжиме да го стабилизираме пензискиот фонд за да обезбедиме сигурни пензии на идните генерации“ потенцираше претседателот на Комисијата на финансии во СДСМ, Фатмир Битиќи во рамки на своето гостување во Топ Тема на телевизија Телма.
Во однос на темата за намалување на невработеноста, Битиќи рече дека СДСМ како одговорна власт за 2 и пол години ја намали невработеноста за цели 6% преку креирање на 60.000 реални работни места претежно во приватниот сектор за разлика од претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ која тоа го правеше со помош на директен интервенционизам и за 11 години ја намали невработеноста за само 10%.
„Ние затоа што си ја сакаме оваа земја тоа што е добро го продолжуваме и стратегијата за поддршка на странски директни инвестиции ја проширивме и со измени за поддршка и на домашните компании, кои претходната власт ги ставаше во неповолна положба наспроти странските. Покажавме дека можат да се потрошат многу помалку државни пари, а ефектот да биде многу поголем. Благодарам што потврдувате дека се отворени 20.000 нови работни места токму во автомобилската индустрија затоа што ние во овој период не потрошивме 250 милиони евра пари на граѓаните за да ги привлечеме, со многу помалку пари креиравме услови за да се отворат овие работни места. И тоа е суштинската разлика во нашиот осврт колку и дали ја сакаме нашата заедничка држава.“ рече Битиќи во својата реплика упатена кон претставникот на ВМРО ДПМНЕ во рамки на гостувањето во Топ Тема на телевизија Телма.