За да се обезбедат потребните услови сите ученици да ја следат онлајн наставата, рудникот САСА набави 200 нови таблет компјутери кои им се донирани на училиштата во Македонска Каменица.
Конкретно, 150 таблет компјутери се обезбедени за учениците во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, а 50 таблет компјутери се наменети за средното училиште „Миле Јаневски–Џингар“ во градот.
„Свесни сме дека пандемијата од Ковид-19 наметна многу предизвици и потреба да го менуваме и прилагодуваме начинот на кој ги извршуваме нашите секојдневни работни обврски. Ова се особено тешки времиња за учениците, но и за нивните семејства и нивните наставници кои мораа да се прилагодат за следење на онлајн наставата, за што е неопходна соодветна ИТ опрема. Во комуникацијата која ја имавме со раководните луѓе во училиштата и општината го утврдивме начинот на кој ние како компанија можеме да помогнеме и задоволни сме што оваа донација што ја обезбедивме ќе овозможи успешно да тече образовниот процес и сите ученици да ја следат наставата“, вели новиот генерален директор на Рудник САСА, Скот Јеланд.
Покрај претставници од рудникот САСА, на примопредавањето на таблет компјутерите присуствуваше и градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, како и директорите на основното училиште, Марина Василевска-Стојановска и на средното училиште, Круме Стојановски. Тие во името на локалната заедница, наставниците и учениците им се заблагодарија на рудникот САСА и на Централ Азија Металс за најновата донација, како и за нивната целокупна досегашна поддршка во унапредување на условите и образовниот процес во градот.
„За да може непречено да се одвива онлајн наставата, како локална самоуправа обезбедивме нова компјутерска мрежа и интернет поврзување на централното и сите подрачни основни училишта на територијата на нашата општина, како и компјутери за наставниците. Со ваквите вложувања, заедно со таблет компјутерите за учениците што ги донираше рудникот САСА, успеваме успешно да ги прилагодиме училиштата и да им овозможиме на учениците да ја следат наставата според условите кои ги наметна пандемијата со Ковид-19“, изјави градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Taa ja искористи оваа можност уште еднаш да упати апел до сите жители доследно да ги почитуваат превентивните мерки со кои ќе го заштитат своето и здравјето на останатите луѓе.