Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија ќе поддржи 15 микро и мали компании во рамки на пост Ковид 10 трансформативната програма, финансиски поддржана и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Компаниите ќе добијат директна поддршка за обезбедување ликвидност, за зачувување на работните места и како и приклучување во ланецот на снабдување на Комората, што ќе значи проширување на домашниот пазар преку стратегија за продажба, преговори, маркетинг активности и управување со кризи.
„Преку програмата ќе поддржиме 15 локални микро и мали компании, кои ќе станат членки на Комората во наредните две години и ќе добијат бесплатно членство во првата година. Тие ќе добијат информации за законската усогласеност, деловни можности и пристап до финансии. Обезбедуваме обуки за далечинско и дигитално работење и е-трговија во рамки на Центарот за обуки на Комората, што ќе резултира со приближување до нови пазари преку дигитализацијата. Комората ќе обезбеди низа промотивни алатки за секоја компанија и создавање маркетинг содржина за социјалните медиуми, видео промоција и организирање состаноци со други бизниси“, вели Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија.
Комората верува и очекува поддршката да им помогне на компаниите во прилагодување и трансформирање на своите активности согласно околностите од пандемијата на вирусот Ковид 19.
“Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем од секогаш се позиционирал партнерски кон своите грантисти, настојувајќи да биде што е можно пофлексибилен адаптирајќи се кон моменталните услови на работа. Ова е посебно важно во сегашниве услови на пандемија каде состојбата бргу се менува и е сосема неизвесна. Овој пристап мотивира и придонесува кон изнаоѓање на иновативни решенија за прилагодување на договорените програми на организациите кои ги подржуваме, како што е Комората, создавајќи најповолни услови за постигнување на максимални резултати и задоволување на потребите на крајните корисници на услугите, а тоа се бизнисите.“ – Дејан Јаневски, директор на Проектот.
Компаниите добитници ќе бидат избрани преку отворен повик и врз основа на принципот „прв дојден – прв услужен“. Секоја компанија ќе добие сопствена пост Ковид 19 трансформативна програма, односно ќе добие изработка на бизнис план, обуки за продажба, он-лине маркетинг, преговарање, потоа менторство како и промотивно видео.
Со ова, вели Исени, компаниите ќе добијат бесплатно членство, ќе ги задржат актуелните пазари, ќе ги прошират своите деловни активности, ќе отворат нови пазари и ќе ги зголемат сопствените капацитети за продажба, за промоција и за производство, ќе создадат нови работни места и ќе ги зголемат приходите.