Удвојување на растот, од просечната стапка од два до 2,5% во изминатите 10 години на просечна стапка од четири до 5% во наредниот период, може да се постигне преку спроведување на четирите столба на политики – заздравување од ковид-кризата, политики за забрзување на растот, политики за зголемување на конкуретноста на економијата и политики за инвестирање во човечки капитал. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на емисијата Економски магазин на Алсат-м.
“Инсистиравме овој буџет за првпат да има петгодишно предвидување, бидејќи кога зборуваме за политики, за структурни измени и кога зборуваме за тоа што е есенцијално за зголемување на стандардот на граѓаните, несомнено е потребно предвидување од неколку години. Буџетот за 2021 на првите страници ги има приоритетите, но содржи и петгодишна рамка. Тоа се: фискална консолидација во текот на пет години, потоа стратегијата за економска обнова, но и забрзување на економскиот раст, како и планот за јавни инвестиции од 2021 до 2025 година. Сите овие треба да ја дадат приказната, и аргументите и траекторијата како ние ќе го реализираме ова забрзување на економскиот развој, ако во последните 10 години сме имале 2,5% просечен годишен раст, да стигнеме до четири – 5% на просечно зголемување во периодот кој следи“, вели Бесими.
Политиките кои ќе доведат дотаму може да се категоризираат во четири столба, наведува министерот за финансии.
“Првиот е да го менаџираме ковид-ефектот: здравствениот аспект, заштита на економијата и зачувување на работните места. Втората категорија, како втор столб е забрзувањето на економскиот развој, што се однесува на сите инвестиции кои се во инфраструктурата, дигитализацијата, справувањето со сивата економија и сите други аспекти кои се вклучени тука. Третата категорија е зголемувањето на конкурентноста на економијата. Тука се подразбираат сите политики кои поддржуваат инвестиции, разни иновации, зголемувањето на конкурентноста и извозната ориентираност на компаниите, но и зголемувањето на инвестициите, освојување нови пазари и носење нови технологии. И четвртиот столб е инвестирање во човечки капитал, што подразбира, квалитетно образование кое ќе биде согласно побарувачката на пазарот и одржливо здравство“, рече Бесими.