Кина ќе ги надмине Соединетите држави во 2024 година и ќе стане најголемиот светски пазар за Интернет на нештата (IoT), се вели во извештајот на International Data Corporationa (IDC).
Според извештајот, трошоците за IoT во Кина се очекува да достигнат скоро 300 милијарди долари до 2024 година, со просечен годишен раст од 13 проценти во следните пет години.
IDC очекува кинеските трошоци за IoT во 2024 година да сочинуваат 26,7 проценти од глобалното ниво. Следат САД со 23,8 проценти и Западна Европа со 23,4 проценти.
Аналитичарот на IDC за Кина, Џонатан Линг вели дека поради епидемијата Ковид-19 и падот на потрошувачката во сите индустрии, Кина се соочи со нарушување на пазарот на IOT на почетокот на 2020 година.
„Бидејќи Кина продолжува да се движи кон економско закрепнување, очекуваме пазарот да ги надмине тешкотиите во следните години, помогнати од корпоративната свест за важноста на Интернет на нештата во контролирање на епидемијата“, рече Линг.
Интернет на нештата значи поврзување на уредите преку Интернет. Претставува мрежна инфраструктура во која физичките и виртуелните „нешта“ од сите видови комуницираат и се невидливо интегрирани. Ова можат да бидат фрижидери, машини за перење или разни безбедносни системи.
Уредите за поврзување можат да бидат безжични, што отвора нови можности за интеракција едни со други, што пак носи нови можности за нивна контрола, следење и обезбедување напредни услуги.