СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

За само едно евро ќе може да се основа друштво со ограничена одговорност

Секој што има идеа за водење бизнис, ќе може за само едно евро да основа друштво со ограничена одговорност. Ова го предвидува Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва што денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

Според предлог-измените, за микро и малите фирми тие ќе бидат помали, а за средните и големите, поголеми.

-Со Предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување, рече заменик-министерот за економија, Зоран Маневски, пбразложувајќи го предложеното решение.

Пратеникот Панчо Минов го поздрави ваквото решение, оцени дека е правично и дека нуди и низа други поволности, освен потребата на почетен капитал од само едно евро за почнување бизнис.

-Предлогот овозможува регистрирање што повеќе вршители на дејност, но и надминување на сивата економија. Дополнително, освен „едно евро“, се уредуваат и поволности во делот на финансискоот работење. Евентуалните, пак, штетни, неповолни договори во однос на ликвидноста и финансиското работење на трговските друштва, сега се ствааат во надлежност на органот за управување со хартии од вредност. Тој да ја следи состојбата на кое било прекршување на законот од управните или надзорните органи. Членови на надзорните и извршните органи се санкционираат и со глоба, но ако го повторат прекршокот, им престанува должноста. Всушност, има олеснување на казните и превентивно делување, но ако прекршокот се повторува, казните се порестриктивни, што е правично. Построга казна не се изрекува како досега, директно, туку дури откако ќе има повторување на прекршокот на одговорното лице во трговското друптво, што е многу правично, а делува и превентивно. Исто така, за малите претпријатија казните се намалуваат, а за средните и големите се зголемуваат. Нема да се казнуваат еднакво, туку зависно од големината, истакна Минов.

Како што стои во предложениот текст, со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што во сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.

На седницата која е во тек, членовите на комисијата се согласија дека и Предлог-законот за изменување на Законот за метрологијата е прифатлив и може да се даде на натамошно, второ читање.

Моментно се расправа по Предлог-законот за дополнување на Законот за трговија кој е во второ читање и доставен од Владата за носење по скратена постапка.

Претседателот на Комисијата за економски прашања пред почетокот на седницата соопшти дека од дневниот ред се повлечени Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат, двата по скратена постапка, во второ читање.

Поврзани вести

Денеска напладне нови цени на горивата

Берта Китинска

Можете да вратите до 4.500 денари: Продолжениот викенд за 11 Октомври викенд без ДДВ

Берта Китинска

СОВЕТИ ОД МИЛИЈАРДЕР: Парите не купуваат среќа!

Stefanija Kuzmanovska