„Фортенова“ во средата објави дека акциите што ги држеше руската „Сбербанк“ во „Меркатор Бизнис системи“ се разменети за акции во групата, на која се пренесени 18,53 проценти од акциите на најголемиот синџир супермаркети во Словенија.
Според изјавата, уделот на „Сбербанк“ во сопственост на „Фортенова група“ се зголеми на 44 проценти.
„Вчерашниот почеток на трансферот на акциите на „Меркатор“ на „Фортенова група“ и продажбата на деловната област замрзната храна, што се затвори во понеделникот, се дел од оптимизацијата на портфолиото на „Фортенова“, насочена кон зајакнување на структурата на капиталот и консолидирање на клучните области каде што групата е лидер на пазарот. Кога вчера започнатиот трансфер на акции на „Меркатор“ ќе биде завршен, „Фортенова група“ ќе биде неприкосновен лидер на регионалниот пазар на мало со „Меркатор“, со значителни инвестиции и понатамошен капацитет за раст“, рече Фабрис Перушко, извршен директор и член на Управниот одбор на „Фортенова“.
Тој исто така истакна дека компаниите на групата во пандемиската година биле клучни за обезбедување на снабдување на клиенти на пазарите на кои тие дејствуваат, благодарение на илјадници големи и мали, домашни и странски добавувачи со кои компаниите на „Фортенова“ имаат долгорочни и стабилни врски.
„Претстојната интеграција на „Меркатор“ со малопродажбата на „Фортенова група“ е одлична можност за сите клучни добавувачи“, рече Перушко, осврнувајќи се на извештајот објавен од вонредниот комесар во „Меркатор“ во средата, во кој се потврдува целосната усогласеност на „Меркатор“ со словенечкиот „Лекс Меркатор“.
Во извештајот се посочува дека „Меркатор“ им понудил на своите стратешки словенечки добавувачи можност за потпишување на договори за долгорочна соработка, кои ги потпишале сите што го откриле својот деловен интерес во ваквите договори, се заклучува во соопштението.
Потсетуваме, во средината на март, акционерите на Фортенова на Генералното собрание на носители на депозитарни потврди ги изгласаа сите одлуки во врска со трансферот на „Меркатор“ во „Фортенова“. Акционерите тогаш одлучија да ги разменат акциите што „Сбербанк“ ги има во „Меркатор“ за акции во групата.
Во тоа време, „Фортенова“ доби одобрение за проширување на постојниот финансиски аранжман со „ХПС Партнерс“ и „ВТБ банка“ во износ до 390 милиони евра, кои „Фортенова“ ќе ги искористи за да и ги позајми на „Меркатор“ „со цел рефинансирање на долгот на „Меркатор“ кон банките“.